СРЕДБА НА ЈАНКУЛОВСКА И ЃОРЃИОСКИ ВО МВР

Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Илчо Ѓорѓиоски, и министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкуловски, на средба во МВР разговараа за подобрување на меѓусебната соработка. Притоа е потенцирано дека соработката меѓу ФФМ и МВР треба да биде постојана, отворена и непосредна. На средбата присуствуваа и Роберт Марковиќ, претседател на службата во ФФМ за заштита на интегритетот на натпреварувањето и директорот на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков. На средбата се разговараше за промената на Правилникот за натпреварување што се однесува на грубо, вулгарно и непристојно скандирање на гледачите и поддржувачите, како и истакнување пароли со неспортска и непристојна содржина. Пред највисокиот орган за безбедност во државата, претседателот на ФФМ потврди дека федерацијата решително влегува во борбата за искоренување на национализмот, насилството и дискриминација од кој било вид од фудбалските натпревари. Нулта толеранција за негативните појави во спортот е принцип и на Министерството за внатрешни работи, потенцираше министерката Јанкуловска.

Претседателот на ФФМ, Ѓорѓиоски ја образложи потребата да се формира посебно тело во федерацијата за заштита на интегритетот на натпреварувањето, потенцирајќи ја заложбата на УЕФА и ФИФА за фер натпревар во сите сегменти. Фудбалската федерација во соработка со МВР и Интерпол се клучни тела во борбата против местењето натпревари, проблем со кои се соочува глобалниот фудбал. ФФМ побара, МВР ја сфаќа потребата од ефикасност на службите во делот на истражната постапка доколку двете институции се соочат со проблем предизвикан од навивачки групи или поединци кои иницираат насилство, национализам и дискриминација. Претседателот на службата во ФФМ за заштита на интегритетот на натпреварувањето, Роберт Марковиќ ја образложи одлуката за прекинот на финалето од Купот на Македонија, напоменувајќи дека одлуката на федерацијата е официјализирана во новиот Правилник и се однесува за сите натпревари кои се во системот на Фудбалската федерација на Македонија.