Некои Ваши неодмерени изјави во стилот “работниците се заштитени како мечки” и “манастирски” ручеци со двете комори, предизвикаа лавина проблеми во преговарањата околу новиот Закон за работни односи, а се создаде и мислење во јавноста дека министерот за труд и социјала е поблизок до работодавачите отколку до работниците. Дали е тоа така?
-Тоа се глупости. Јас никаде и никогаш не сум рекол дека “работниците се заштитени како мечки”. Тоа се тендециозно извадени работи од контекст. Што се однесува до ручеците, јас имам многу повеќе ручеци изедено со претседателот на Синдикатот отколку со коморите. И идната недела со ССМ сум на ручек во Куманово. До ручекот во “Пантелејмон” јас имав пет средби со ССМ. Ни на крај памет не ми паѓа дека работничката која седи зад машината, рударот во рудник или работникот кој работи на висока печка е заштитен како мечка, туку токму нив – трудоинтензивните дејности, мораме максимално да ги заштитиме со новиот Закон за работни односи. Пред се, мислам за злоупотребата на таа работна сила преку континуирано прекувремено работење, работење во прва, па во третата смена, плаќање на енормно ниски надници, неплаќање на придонеси итн. Од друга страна се она што е нелогично, а на што укажуваат работодавачите, ќе биде прифатено. Но на работодавачите, сигурно, нема да им биде драго кога ќе видат во Законот дека ако некој работи над 150 часа годишно прекувремено, мора да дадат 13 плата. Или дека, ако ги тераат работниците надвор од прописите на прекувремена работа, ќе најдат и пломби на врата.
Втор бран незадоволства предизвика предлогот за намалување на породилното од 9 на 3 месеци.Чиј е овој предлог?
-Ниту јас, ниту кој било член од Владата не дал изјава дека воопшто ќе се менува нешто околу породилното боледувања. Тоа со новите законски решенија, најверојатно, ќе остане така како што е – 9 месеци. Имаше барање од Светска банка да се размислува во таа насока и Сојузот на стопански комори излезе со предлог да биде 3 месеци, но ние не можеме тоа да го прифатиме бидејќи, од една страна немаме доволно развиени институции за прифаќање на децата на толку мала возраст, а од друга, како држава сметаме дека мора да го гарантираме и прифатиме мајчинството и доењето до најмалку шест месеци. Според досегашното преговарачко искуство, во кои домени “забегаа” другите преговарачки страни, синдикатот и коморите?
-Морам да кажам дека досега во преговорите една страна беше доста поподготвена, со компаративни анализи, со светски искуства, што ме изненади. Непријатно ме изненади и другата страна, која многу го спушти нивото на преговори, испрати луѓе од стручната служба, без луѓе со мандат за преговори кога се носат клучни политики и социјални закони.
Дали со изнесување на “пикантерии” од досегашните преговори некој од социјалните партнери не се обиде да капитализира на предлозите на Владата и да го подобри својот рејтинг?
-Тоа е крајно некоректно. Евидентно е дека тој некој бил без идеја и без работни обврски, па како министер, среќен сум што сум создал обврски на поединци да бидат поактивни за материјата за која се задолжени.
Мислите ли на Синдикатот?
Не мислам само на Синдикатот, туку и на коморите.
Кои се екстремните ситуации што ги надминуваат нормалните барања од двете страни?
-На пример: Синдикатот бара 35-часовна работна недела, а комората 48 – часовна. Ни за едното, ни за другото нема аргументи. Или за испратнините за технолошки вишок, ССМ бара 18-месечни плати, а коморите – 6 плати. ССМ бара породилното да изнесува 18 месеци. Кој ќе Ви го чува работното место 18 месеци? Дотогаш ќе се обучи друг работник, кој ќе работи подобро.
Кои се предлозите на Владата за клучните сегменти наспроти противставените партнери?
-Породилното останува девет месеци, испратнините сега се 8 плати, ние ќе предложиме 6, со максимум да се оди на 10 плати, ако за тоа се избори Синдикатот, кој треба да има барања не само пред Владата, туку и пред работодавачите. Работната недела останува 40 часа. Голема дилема беше и дали работниците да добијат плата за време на штрајк. Според европската логика ако не се создава вредност, од каде ќе се плаќа. Прашање беше и дали за време на штрајк може да се попречи работниот процес. Тоа не може да се дозволи и наш став, вграден во Законот, ќе биде секоја фирма да има определено место за штрајк
Дали овие законски измени ни се наметнати од ММФ или имавме потреба за реформи во сферата на работното законодавство?
-Првенствено ние имавме потеба од реформи, но сме врзани и со преговорите со ММФ и Светска банка, а, конечно, нам ни е потребно и усогласување и европеизација и на овие закони.
Во јавноста се доби впечаток дека ако овој закон е по “европска” верзија, тогаш е најтврдата опција, која повеќе личи на африканизација на работничките права.
-Ако се избираат варијантите на европски закони, ние сме најлибералната земја во секој поглед и кај боледувања и кај годишни одмори, а и во други сегменти.
Тоа се должи на либералната ориентација на министерот или Македонија нема капацитет за потврди реформи?”
-Оценка на Владата е дека треба постепено да се оди со реформите, односно тие да соодветствуваат со амбиентот во регионот, но и да нема драстични кастрења на правата, односно да се следат и домашните прилики. Значи, ќе одиме чекор по чекор во реформирање на работничките права.


Виолета ЦВЕТКОВСКА