Унапредување на билатералната соработка, обука на македонски медицински офицери во Норвешка и поддршка за Заедничките воени балкански медицински сили беа главните теми на кои разговараа Началникот на Генералштабот на АРМ, генерал-полковник Горанчо Котески и началникот на Армијата на Норвешка, адмиралот Хакон Брун Хансен кој од денеска е во дводневна посета на АРМ.

Котески истакна дека адмиралот Хансен се запознал со состојбите во АРМ, трансформацијата а ќе ги посети и дел од командите и единиците на АРМ.

-Норвешка е искрен и силен поддржувач на АРМ во настојувањата за членството во НАТО. Заклучивме дека нашата билатерална воена соработка е многу добра. Заедно бевме во Авганистан во мисијата ИСАФ во рамки на медицинските тимови. Изразивме заедничка поддршка за Заедничките воени балкански медицински сили со кои претседава Македонија каде е и главниот штаб. Важно е што ќе продолжи медицинската обука на македонските официри во Норвешка, објасни Котески.

Тој додаде дека Норвешка ќе поддржи повеќе проекти а посветеноста ја докажала и со повеќето донации за АРМ како Полската болница која е во вредност од 2.5 милиони евра како и регионалниот Центар на НАТО за односи со јавност.

Адмиралот Хансен раскажувајќи ги искуствата од Авганистан, потенцираше дека Норвешка го видела квалитетот на македонските војници.

-Заедно лекувавме војници ранети од експлозивни направи, тренд кој не ни е многу познат затоа што живееме во мирни држави. Норвешка цело време ја поддржува Македонија во евро-атлантските аспирации и во останатите сфери. Ние имаме удел и во трансформацијата на АРМ за што сме многу горди. Тука сум за да ги видам и сферите во кои соработуваме за да ја подобриме нашата соработка, рече Хансен. 

АРМ има развиено многу добра соработка со Вооружените сили на Кралството Норвешка која во изминатите години се одвива на повеќе полиња. Во периодот од 2008 до 2012 година, во рамките на Норвешката полска болница во Мејмана, Авганистан беше распореден хируршки тим на АРМ кој успешно ги извршуваше задачите заедно со норвешките колеги.

Норвешка е една од државите на НАТО кои имаат најмногу донации за АРМ. Имено, Норвешка на АРМ донираше една комплетна Лесна маневарска полска болница во вредност од околу 2,5 милиони евра, софистицирана опрема за заштита на телекомуникациските врски, медицински материјал и компјутерска опрема во вредност од 57.000 евра, како и менторирање и финансиска поддршка на проектот ,,Лепеза” и Регионалниот центар за односи со јавноста. (С.Р.)