На 16 декември во Универзална по 14-ти пат ќе се одржи музичката манифестација “12 величествени”, во организација на “Премиер” и “Томато” продукција. И годинава ќе се одбираат најдобрите во 12 категории, а по традиција ќе се додели и награда од публиката и награда за трајни вредности. Наградата за трајни вредности годинава ќе ја добие Славе Димитров, а публиката ќе може да гласа преку интернет сајтот www.muzika.net.mk, во период од 30 до 10 декември. Во секоја категорија се одбрани веќе по пет кандидати од кои ќе се бираат најдобрите. Во категоријата откритие на годинава влегоа: Форплеј, Дина, Роботек, Лени и Станимир Ѓуревски. За солистички концерт на годината ќе се натпреваруваат Суперхикс, Владо Јаневски, Синтезис, Калиопи и Тоше Проески. За аранжер повторно Дарко Димитров, Габровски, Билбилов, Валентино Скендеровски и Александар Масевски. Во категоријата аранжери место си резервираа Димитров и Билбилов, а друштво меѓу петте најдобри композитори ќе им прават и Владимир Дојчиновски, Кристијан Габровски и Хари Котларовски. Владо Јаневски, Калиопи, Вена Малинова, Огнен Неделковски и Кристијан Габровски влегоа во категоријата за текстописец на годината. Номинирани за пејачка на годината се Калиопи, Александра Пилева, Биба Додева, Тамара и Кристина Арнаудова, а за пејач Тоше Проески, Владо Јаневски, Дарио, Мартин Вучиќ и Марјан Стојановски. “Сино” од Тамара, “Далеку од мене” од Тоше Проески, “За кого постојам” од Калиопи, “Нема утеха” од Пилева и “Муза” од Мартин Вучиќ се песните кои беа номинирани за хит на годината. За номинациите од сите 12 категории ќе може да се гласа на интернет и преку СМС пораки на телефонскиот број 070/142 112. 12-те величествени ќе бидат одбрани според гласовите на публиката и жирито составено од новинари од неколку печатени и електронски медиуми. (А.Н.)