ЕЛЕМ по добиените гаранции од Владата, со средства од германската КФВ банка и Стопанска банка АД Скопје, ќе почне со отворање на копот Брод-Гнеотино, кој треба да го продолжи векот на работа на РЕК Битола за 30 години. Од КФВ банката ќе се обезбедат 14,4 милиони евра, а од Стопанска банка 4,5 милиони евра, а опремата ќе се обезбеди од “Мантакров” и “Круп”.
Според генералниот директор на ЕЛЕМ, Панде Лазаров од копот ќе се обезбедат 2,5 милиони тони јаглен и со него и резервите кои ги има Суводол и неговите подинските копови кои допрва треба да се отвораат ќе се обезбеди доволно јаглен за работа на РЕК “Битола” во наредните 30 години.
Според првиот човек на ЕЛЕМ се очекува да се добие гаранција од Владата и за изградба на хидроцентралата “Св. Петка” и тоа до 11 јануари по што ќе се избере и изведувач од пријавените на тендерот.
Во врска со долговите на “Силмак”, Лазаров информира дека минатиот месец е потпишан договор за исплата на долгот на девет рати, од кои првата од 800 илјади евра е уплатена. “Силмак” треба да го намири долгот заклучно со јули следната година. (З.П.)