Нов оперативен приод при повреди на колено
На Клиниката за трауматологија во Скопје за првпат се извршени два минимално инвазивни хируршки зафати на предниот вкрстен лигамент на коленото, при кои не е направено класично отворање за санација на промените и вградување ”штрафови” кои ја фиксираат потколеницата. Двајцата пациентите, кај кои завчера е применет овој оперативен метод, се во одлична состојба, а Клиниката е подготвена да продолжи со овие интервенции за кои досега се патуваше во странство. Оперативниот зафат е познат како артроскопска лигаментопластика на предниот вкрстен лигамент на коленото, а го изврши медицински тим предводен од шефот на Одделот за артроскопија, Зоран Андоновски, заедно со д-р Игор Кафтанџиев и д-р Кристијан Костов. Интревенцијата се правеше под стручна асистенција на д-р Марко Кадија од Клиничкиот центарот во Белград, СЦГ.
Според директорот на Трауматолигија проф. д-р Јордан Савевски, пациентите побрзо заздравуваат по ваквите интервенции, зафатот е полесен, остава помали лузни, не е потребна имобилизиација. Веќе наредниот ден оперираниот застанува на нозе, а рехабилитацијата е побрза и поефикасна. Ваквите повреди на коленото најчесто се јавуваат кај спортисти.