На Клиниката за кожни болести од неодамна во функција е пуштен апарат со кој се детектираат малигните бенки уште додека на нив нема никакви видливи промени. Набавениот дермоскоп е прв од ваков вид и е едно од поретките осовременување на Клиниката во подолг период. Според д-р Сузе Камберова, основната намена на овој апарат кој има дигитална камера поврзана со компјутер е превентивна, најчесто се користи за следење и навремена превенција на малигниот меланом, најсмртоносниот кожен канцер, кој има рапидна прогресија насекаде во светот.
“Пигментирани промени им на кожата на речиси секој човек. Некои луѓе имаат неколку, додека други имаат многу. Во повеќето случаи станува збор за бенигни ( безопасни) бенки или кератози. Меѓутоа, некои од нив со време може да преминат во диспластични, атипични, невуси или малигни меланоми. Со овој апарат, евентуалните, промени можат да се фатат на време (задоцнетото откривање е основната причина за големиот процент на фатални исходи), додека тие не се видливи, а со тоа да се обезбеди и целосни стопроцентно излекување на овој карцином”, објаснува д-р Камберова. Во оваа функција, според неа, покрај самоиницијативните контроли на граѓаните, би требало да се организира една планирана поширока превентивна акција кај целото население.” Прегледот е краткотраен, не е непријатен, а промените кои би се селектирале како потенцијално опасни, потоа постојано би се следеле и навреме би се проценила потребата од хируршки зафат”, прецизира д-р Камберова. (Р.Н.)