Првиот училишен ден беше голем ден и за учениците и за вработените во училиштето “Живко Брајковски” во Бутел каде вчера беше свечено пуштена во употреба новата училишна зграда.

Свечено беше и во Кисела Вода каде на местото на старите монтажни бараки од основното училиште, почна изградба на современа училишна зграда на два ката со капацитет за 600 ученици. Камен-темелникот беше удрен вчера, а изградбата се очекува да заврши до крајот на 2016 година. Инвестицијата вредна 75 милиони денари е на Министерството за образование и наука.

– Новите училишта значат комплетно нови услови како за учениците, така и за наставниот кадар, рече премиерот Никола Груевски, кој присуствуваше на поставувањето камен-темелникот на двете училишта во придружба на министерот и заменик-министерот за образование и наука, Абдилаќим Адеми и Спиро Ристовски и на градоначалниците Билјана Беличанец-Алексиќ и Петре Латиновски.
Премиерот Груевски истакна дека почетокот на учебната година е одлична симболика да се означи стартот на нов проект во Кисела Вода.

– Просторот е поголем, ќе има подобра изолација бидејќи ќе биде објект од тврда градба со целосно нова опрема, нови училници, нови кабинети, машинско одделение, работилница, магацин и се што значи комплетно ново училиште, рече Груевски.

Градоначалничката на општина Кисела Вода во своето обраќање истакна дека реализацијата на ваквите проекти се доказ дека континуираните вложувања во образованието и подигнувањето на квалитетот на наставниот процес, остануваат да бидат заедничка стратешка насока и врвен приоритет на општина Кисела Вода и на Владата на РМ.

– Нова училишна зграда за ОУ “Невена Георгиева Дуња” е ветување што е дадено, на жителите на општина Кисела Вода, пред се на учениците и на вработените во него, истакна Беличанец-Алексиќ.

Таа информираше дека додека траат градежните активности, нема да има застој во наставниот процес или дисперзирање на учениците од ова училиште бидејќи наставата редовно ќе се одвива во останатите два дела од стариот објект кои се позачувани, а делот каде ќе течат градежните активности веќе е соодветно заштитен и обезбеден.

Потсети дека училиштето “Невена Георгиева Дуња” е изградено во 1964 година како времен објект, донација на Франција по катастрофалниот земјотрес.

Министерот Адеми, пак, информираше дека во текот на летниот период, беа обновени над 40 училишни објекти низ цела Македонија.

– Министерството за образование не запира тука. Ние и во иднина ќе бидеме на страна на учениците, бидејќи тие заслужуваат да учат и да се образуваат во современи услови, истакна Адеми.

Основното училиште “Живко Брајковски” во општина Бутел ги отвори вратите на новата училишна зграда со површина од 5.000 метри квадратни и со капацитет за 900 ученици. Изградбата на новата училишна зграда чинеше 73 милиони денари со средства обезбедени преку проектот за поддршка на општините од Светска банка. (Е.А.)