Додека човештвото чека да се појави вакцината за коронавирус, голем проблем во оваа борба против новиот вирус е неговата способност да преживее со часови на различни површини. Иако повеќето површини можат да се исчистат и дезинфицираат, прашањето е што е со почувствителните, како картонот.

Дури и во воздухот вирусот САРС-КоВ-2 може да преживее неколку часа, открија научниците, а на картонска површина може да опстане и до 24 часа. Честички на коронавирусот на пластика беа откриени по три часа откако вирусот бил во контакт со површината.

Научници предводени од инженерот Зитонг Чен од Универзитетот на Калифорнија, Лос Анџелес, најдоа решение. Тие докажаа дека ладната плазма има способност да го уништи вирусот на различни површини без да го оштети материјалот.

Што е студена плазма?

Плазмата, најмалку позната од четирите главни состојби на материјата (цврста, течна и гасовита), се појавува природно во горната атмосфера. Се состои од позитивно и негативно наелектризирани јони и електрони, неутрални атоми и молекули. Иако нема електричен полнеж, таа содржи носител на полнеж и како таква добро спроведува електрична енергија и реагира на електромагнетните полиња.

Студената плазма веќе се покажа како ефикасна во намалувањето на бројот на микроорганизми. Таа влијае врз површината и структурата без да го оштети човечкото ткиво, а дејствува и врз клетките на ракот.

Ефектот на плазмата бил проучуван на шест различни површини, вклучувајќи картон, кожа од фудбалска топка, пластика и метал. Научниците откриле дека повеќето од честичките на вирусот станале неактивни по само 30 секунди. Три минути по контактот, плазмата ги уништила сите траги на вирусот.

Тимот верува дека реактивните јони на кислород и азот, формирани додека плазмата комуницира со воздухот, ги уништуваат вирусните честички.

– Овие резултати покажуваат дека студената плазма треба да се испита за уништување на вирусот во воздухот – пишуваат авторите на истражувањето.

Минатата година друг тим на научници создал филтер од плазма што го стерилизирал воздухот од 99 отсто од вирусите. Секако, има уште многу чекори од докажано дејствување на одреден концепт до производство на опрема што секој може да ја користи. Но, тимот работи на создавање таква опрема.

Ова истражување беше објавено во списанието „Физикс оф флуидс“.