x

Новогодишно интервју со Иван Тричковски: Привилегија е да си меѓу најдобрите голгетери во светот!

Иван Тричковски е синоним за фудбал, за голови на Кипар. Македонецот е прогласен за најдобар стрелец во изминатата декада во првенството на Кипар. Популарниот Иве оваа година ја заврши на 18.место во светот по број на постигнати голови, само еден го делеше од 12. место каде е Златан Ибрахимовиќ. Тричко е најдобар стрелец на било која екипа од Кипар на евро натпреварите. Тој со својата Македонија стигна до историското трето место во квалификациската група.

Зарем има уште некој повод за СПОРМЕДИА да направи новогодишно интервју токму со Тричковски, фудбалерот на АЕК Ларнака и напаѓач на нашата најдобра репрезентација.

„Како се чувствувам? Па, привилегирано. Мислам дека е привилегија да си меѓу најдобрите стрелци, најдобрите голгетери во светот. И тоа во друштво на еден Левандовски, Меси, Мбапе, Бензема, Ибрахимовиќ, Стерлинг, Мане, Тадиќ. Ова е ранг листа на стрелци за цела 2019 година и Иван Тричковски од Македонија е на 18.место. Голем успех за мене, не знам дали во блиско минато некој наш фудбалер го достигнал ова. Затоа велам дека се чувствувам привилегирано и гордо“ вели Тричко.

-Се чини дека Тричко како влегува во поодминати години, така  игра уште подобро, дава уште повеќе голови…

„Во право сте. Но сето тоа доаѓа со искуството, но и со фактот дека во последно време, барем во последните две-три години играм како класичен шпиц. Порано, тука говорам кога играв за Вардар, Работнички, Ц. Звезда, Паралими, Апоел, Клуб Бриж, Беверен, Ал Наср и Легија, се некако ме ставаа на крило, како крилен шпиц. Сега некои работи се менуваат, можеби затоа сум поефикасен, иако знам и сега понекогаш да се „тргнам“ на крило, знаете навиките тешко се искоренуваат. Сепак најважно е мојот тим, за кој јас играм, да победува, да постигнува што повеќе голови. Без разлика за кој тим станува збор, само Тричко да е во него“.

ЧЕТИРИТЕ ГОЛОВИ СРЕДЕ СОФИЈА КАКО БЕЛЕГ НА ГОДИНАТА

Како белег на годината Тричко го издвои она што се случи во Софија…

„Секако, тука не треба посебен коментар. Да му се дадат дури четири голови на еден Левски, и тоа на негов терен, не е мала работа. Да му се помогне на својот АЕК Ларнака да оди понатаму, а посебна тежина дава фактот дека тоа беше европски натпревар, и тоа во квалификациите во Лигата на Европа, исто не е мала работа. Тоа е тоа што за мене, на фудбалски план беше белег на годината“.

Тој сака да се наврати малку и на рекордите.

„Не сакам да звучи претенциозно, но јас тие резултати, тие голови ги сметам и како плод на се она што сум го работел на тренинзите, на натпреварите за да дојдам до тие рекорди. Да си најдобар стрелец во АЕК Ларнака исто е голема чест, да не говорам за тоа дека сум најдобар стрелец во последната декада во првенството на Кипар. А познато е кој се играше и игра на Кипар. И сето тоа за само 6.5 години, од времето кога играв во Апоел и сега во АЕК Ларнака“.

СЕМЕЈСТВОТО МИ Е ГОЛЕМА ПОТКРЕПА

Иван Тричковски важи за семеен човек. За него никогаш немало афера или скандал. Вистински професионалец.

„Отсекогаш било така со мене. Ги почитувам тренерите, селекторите, соиграчите, се разбира и себе си се почитувам. Уште како мал сакав и сонував да бидам професионален фудбалер, и ете таа желба ми се оствари“.

Семејството Тричковски брои четири члена…

„Точно. Со сопругата Сања имаме две деца, Лука и Лара. Тие се со мене на Кипар, и тоа придонесува јас да бидам емоционално смирен, да мислам само на фудбалот и мојата кариера. Мене семејството ми е светост, тоа ми е голема поткрепа и искрено уживам кога сум дома со своите најблиски. Го користам секој момент да бидам со Сања, Лука и Лара“.

СОНУВАМ СО МАКЕДОНИЈА ДА ИГРАМ НА ЕВРО 2020

Тричковски во оваа генерација на репрезентативци е еден од најискусните. Засега има забележано 56 настапи, а постигнал и 5 голови. И покрај повредите сепак и тој имаше активно учество во освојување на тоа трето место во квалификациите за ЕВРО 2020.

„Ако на Кипар, ако за АЕК Ларнака се беше идеално за мене, за репрезентацијата на Македонија морам да признам дека не беше. Навистина чести беа повредите, како некое проклетство да имаше со и околу мене. Во неколку наврати морав да го откажам повикот на селекторот Игор Ангеловски. И како по некое правило, веднаш кога ќе заздравев, на следниот меч за АЕК Ларнака блескав. Се надевам дека тие малери ги оставив   во 2019 година“.

Македонија ја делат само 180 минути од настап на едно големо натпреварување.

„Искрено мислам дека во последните 3-4 години оваа репрезентација просто „експлодираше“. Јасно е дека има квалитет, јасно е дека тоа е спој на младост и искуство. Сите си ја знаеме работата, од играчите до стручниот штаб на чело со Ангеловски. Атмосферата е одлична и затоа се тие резултати во последно време. Е сега, навистина само 180 минути не делат од ЕВРО 2020. Јас, како и сите мои соиграчи, просто сонувам да играм за Македонија на едно вакво натпреварување. Тоа ќе биде добро не само за нас репрезентативците, тука тоа ќе биде добро и за државата, за нацијата, едноставно да докажеме и покажеме дека и ние сме кадарни конечно како Македонци да се најдеме во големото друштво“.

-Како со Косово?

„Не се сомневам дека Арената ќе биде преполна, дека ќе има и поддршка. Но треба таа поддршка да се насочи кон нас како нешто позитивно. Потребно е тој притисок да се стави на плеќите на гостите од Косово. Видете, тој натпревар ќе биде меч на деценијата, и ние мораме максимално психолошки да бидеме подготвени. Ни доаѓа навистина силна селекција која за малку низ групите ќе се пласираше на ЕВРО 2020. Но, оваа шанса Македонија не смее да ја испушти. Ова е шанса и на  нашата генерација, шанса на кариерата и за Пандев, за Тричковски и останатите кои сме поискусни. Оваа шанса мора по секоја цена да се искористи“.

КАДЕ ТРИЧКО СЕ ГЛЕДА СЕБЕ ЗА ДВЕ-ТРИ ГОДИНИ

Тричко има 32 години, и сакал – нејќел ќе мора да размислува што и како после фудбалската кариера. Дали има амбиции тој да се врати во Македонија, да ја заврши кариерата во некој наш клуб. На пример во Вардар, во клубот каде се започна?

„Никогаш не се знае утре што носи, никогаш не треба да се вели никогаш. Јас играв во многу клубови и секаде сум се претставил во вистинско светло, едноставно не сум конфликтна личност. Сега засега моите амбиции се да останам на Кипар. Тука во АЕК Ларнака ми е супер, децата уживаат тука, сите сме тука на Кипар како дома. Еве ми нудат нов договор, и веројатно ќе го прифатам, и сакам тој нов договор да го одработам до крај. А тогаш ќе имам 35 години, е тогаш ќе видам што и како понатаму“.

На крај Иван Тричковски не пропушти на сите читатели на СПОРТМЕДИА да им посака среќни празници.

„Секако. На сите во Македонија, на вас како редакција и на вашите читатели, ви посакувам Среќни празници, Среќна Нова година. Оваа 2020 година да ве прати само среќа и успех. И се разбира оваа 2020 година да биде запаметена по нашиот пласман и настап на ЕВРО“ заврши еден од најдобрите голгетери во светот за 2019 година.

sportmedia.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата