Владата ги исполнува ветувањата што им ги даде на граѓаните. Премиерот Никола Груевски вчера уште еднаш ја потврди посветеноста на Владата за инвестиции во реални проекти, изградба и реконструкција на патишта, болници, градинки, спортски сали… Груевски најави дека до крајот на годинава во Македонија ќе бидат пуштени во употреба седум нови детски градинки. Пет беа пуштени во употреба од почетокот на оваа година, така што досега вкупно се пуштени во употреба 46 нови детски градинки.

Петте градинки пуштени во употреба годинава се во општините Кисела Вода, Чешиново-Облешево, Кавадарци, Босилово и Охрид, а планираните седум се во Карбинци, селото Оризари, Кочанско, Ѓорче Петров, Пештани, Охрид, Сарај, Липково и Гостивар. Исто така, во изминатиот период се отворени и 28 центри за ран детски развој.

Премиерот потсети дека во 2006 година, пред да почнат активностите за изградба на градинки, опфатот на децата згрижени во овие установи изнесувал околу 10 проценти.

– Од аспект на згрижување на деца, на возраст од 3 до 6 години, во минатото пред да почнат овие активности, нешто малку над 10 отсто од децата имаа можност да се згрижат во градинки. Сега веќе тој опфат нарасна на приближно 40 проценти, поточно 38,5 проценти што за неколку години претставува значителен пораст. Тоа е во духот на поддршка на семејствата во Македонија кои имаат деца и во духот на поддршка на напорите за подобрување на демографските движења во Македонија, истакна премиерот Никола Груевски по поставувањето на камен-темелникот за изградба на нова спортска сала во Домот за деца без родители „11 Октомври”.

Груевски исто така најави и темелна реконструкција на неколку болници во Република Македонија. Планирано во наредните шест месеци целосно да се рекнструираат шест болници ширум Македонија со што ќе се вложат околу 40 милиони евра.

– Имаме многу активности коишто се со вкупен износ од околу 40 милиони евра. Имено, ни претстои некаде крајот на октомври почеток на градба на Клиничката болница во Штип, темелни реконструкции на Свети Еразмо во Охрид, темелна реконструкција на битолската болница, на прилепската болница, на кичевската веќе започна и е во тек и се разбира на Клиничката болница за хируршки болести Свети Наум Охридски во Скопје. Така да овие шест установи во наредните месеци ќе бидат во темелни реконструкции, штипската ќе биде и комплетно нова болница и значително ќе ја подобрат инфраструктурата на болниците во Република Македонија, посочи премиерот.

Оваа инвестиција ќе започне во наредните месеци и ќе трае една година.