Новинарите на Телма побарале од Самостојниот синдикат на новинари медиумски работници да им се врати правото на слобода на говор, односно да биде повлечена забраната од главниот и одговорен уредник Атанас Кировски, дознава Макфакс.

На социјалните мрежи вчера беше објавена циркуларната забрана односно барање на Кировски до вработените во кое им наложува дека не смеат да пишуваат статуси на социјалните мрежи кои не се во согласност со политиката на телевизијата Телма и не се одобрени од негова страна. Оваа забрана на вработените им била испорачана пред референдумот.

Кировски смета дека е негово потполно право како работодавец да го побара ова од вработените и за Макфакс не сакаше да го коментира случајот.

Според претседателката на ССНМ Тамара Чаусидис,  не е спорно медиум да има внатрешно уредена политика на користење на приватните профили од страна на новинарите, но, содржината и тонот на наредбата се особено навредливи и понижувачки не само за новинарите во ТВ ТЕЛМА туку и за имиџот на самата куќа и нејзиното раководство.

„Лично, немам дилеми дека ваквата забрана повеќе ќе и наштети на имиџот на телевизијата отколку некаков личен фејсбук статус на нејзините новинари. Вака како е срочена оваа забрана не може да се толкува поинаку отколку како што попречување на слободата на мислење и говор, темелни права на човекот. И тука веќе имаме сериозен проблем“, вели Чаусидис.

извор: Makfax