Македонските фудбалски интернационалци со променлив успех настапија изминатиов викенд. Најлошо минаа “Германците” Александар Васоски и Николче Новески, кои по третпат во серија доживеаја порази и се најдоа во ситуација до крајот на сезоната да се борат за опстанок во Бундес лигата. Во директниот дуел за избегнувањето на третото место од дното на табелата Мајнц на домашен терен загуби со 0:2 од Кајзерслаутерн. Новески го одигра целиот натпревар, а во 5. минута неговиот удар со глава беше “исчистен” од одбраната на Кајзерслаутерн на самата гол-линија. “Тетовче”, заедно со комплетната одбрана на Ајнтрахт Франкфурт не се прослави на гостувањето на “Алианц Арената”. Баерн беше поуспешен со 5:2, а Васоски во текот на целата средба не можеше да им парира на расположените Баварци. Аце Стојановски асистираше на првиот (23′), а го постигна вториот гол (43′) за Цибалија на гостувањето во Меѓумурје (3:3).На теренот мина 65 минути, а за својот настап доби “седумка”, највисока оценка од сите Македонци во Хрватска. Славен на домашен терен беше поуспешен од Вартекс (4:3), а Јане Николовски капитуларише во три наврати и доби “петка”. Послабо од него беше оценет Васко Божиновски, кој за првото полувреме во поразот на домашен терен со 1:5 од лидерот на табелата Динамо З. заработи 4,5. Хајдук без Игор Кралевски конечно, по 122 дена, успеа да забележи триумф над Интер Запрешиќ од 3:2.
Во Австрија, Пашинг дома со 3:1 го победи Риед, а Илчо Наумовски по повредата се врати на теренот и одигра 65 минути. Во Втората лига во Белгија, Антверпен на Горан Станковски со 3:1 победи на гостувањето кај Тубизе, а Деинзе на Јовица Трајчев пред своите симаптизери загуби со 1:2 од Хаверле.
На Кипар нашите интернационалци немаа добар викенд. Влатко Гроздановски (беше заменет во 84 минута) и Омонија дома одиграа 2:2 со Анортозис, а Петар Милошевски прими два гола на гостувањето и поразот на Енозис (1:2) во Ларнака кај АЕЛ. Хапоел Тел Авив на Игор Ѓузел со 1:0 дома го победи Бнеи Сахин, а Хапоел Назарет на Гоце Христов и Игор Јанчевски ремизираше (1:1) на гостувањето против Макаби во Тел Авив. (С.Д.)