Екипите од најквалитетната УФА Медија Прва кошаркарска лига (плеј оф) со забрзано темпо чекорат кон крајот на втората фаза по што четирите најдобри ќе разигруваат за титулата. Според очекувањата, челните на табелата Ф Работнички, Вардар Осигурување и МЗТ Скопје 2000 забележаа победи и ја продолжија монотонијата во лигата. Единствено поголеми возбудувања имаше во Струмица, каде домаќинот Поло Трејд повторно потклекна во финишот поради недоволна физичка подготвеност. На почетокот струмичани поведоа со 26:16 (10 мин.), подоцна “штрковите” израмнија (44:44), направија и позитива од 11 кошеви (60:71 – 32 мин.). Искра надеж за домаќинот се појави во финишот кога гостите останаа без Талевски и Књазев, кои поради пет лични грешки се преселија на клупата. Христов со тројка намали на 78:79, но 6,3 секунди до крајот реагираше брзоплето и бодовите отпатуваа за Скопје. Вардарци мислеа дека лесно ќе минат со гостиварци, кои играа без најдобриот поединец, казнетиот Србиновски, а по 16 минути и без Серафимовски, кого тренерот Петков го испрати во соблекувалната од воспитна мерка. Отпорот на Маврово траеше до почетокот на третата четвртина, кога Вардарци во свој стил се наметнаа. Од минута во минута се зголемуваше предноста, а најголема беше во 36 минута – 84:64 поради што подоцна мечот ја загуби привлечноста. По успехот на ФОН во Струмица против Поло Трејд, се очекуваше стружани да му дадат посилен отпор на актуелниот шампион. Но, скопјани уште од самиот почеток ја презедоа иницијативата во свои раце и крајниот резултат е најдобар одраз на силите на теренот во салата во Градскиот парк. Во плеј аутот продолжуваат возбудувањата. Во Неготино мораа да се играат и дополнителни пет минути во кои домаќинот беше поснаодлив, помотивиран од играчите на Фаворити и дојдоа до надежните бодови за опстанок во елитното друштво.


Славчо ТРОШАНОВСКИ ФОТО: В. ПЕРКОВСКИ