Една од главните тешкотии со кои се соочуваат странските инвеститори во земјава, се невостановените права на сопственост кои ќе се разрешат со воспоставувањето на Катастар на недвижности на целата територија на државата. Тоа треба да се случи најрано за четири години. Освен титуларот, сопственоста на земјиштето и етажниот премер, како и сите правни товари ќе се запишуваат во Катастарот со што ќе се олесни одот на граѓаните и правните лица низ институциите. Ова беше истакнато на презентацијата на реформскиот проект “Катастар на недвижности и регистрација” чија цел е развивање на пазарот на недвижности со доследно почитување на сопственичките права и создавање сигурен, ефикасен и доверлив сервис на граѓаните.
“Создавањето ефикасен пазар на недвижности, на современ пазар на земјиште и на катастар кој ќе функционира согласно модерните европски практики е услов без кој не може да се замисли една пазарна економија, која е на пат да го обезбеди своето место под европското сонце. Таквата трансформација ќе претставува важен чекор за подобрување на бизнис- климата во земјата како и за отстранување на една од административните бариери, која беше голема пречка пред се за привлекување на странските инвестиции”, порача премиерот Владо Бучковски на промоцијата на проектот.
Директорката на Државниот завод за геодетски работи, Бисера Јакимовска го истакна фактот дека во земјава сега е воспоставен катастар само на 45 отсто од територијата. Приоритет, при евиденцијата, ќе им се даде на урбаните средини, а развојот на земјишната политика, кој исто така е дел од проектот, треба да и овозможи на Владата, врз основа на изградени механизми, да формулира соодветна земјишна политика, нагласи Јакимовска.
Претставникот на Светската банка во Македонија, Сандра Блуменкамп укажа на реформите што се почнати во оваа дејност кои мора да се направат што е можно побрзо, особено заради процесот што и претстои на Македонија во стекнувањето на статус на полноправна членка на ЕУ. Според неа, реформата е неопходна, меѓу другото, затоа што во моментоив 60 до 70 отсто од становите во Македонија не се попишани.
Проектот, за кој е обезбеден кредит од Светска банка и донации од неколку држави, треба да овозможи до 2014 година во нашата држава да се прикажува комплетната правна состојба на земјиштето заедно со јавните права и забрани, евиденцијата да се води исклучиво електронски, а институцијата Катастар да биде целосно приватизирана и да работи на принципот на самофинансирање.


Светлана БЛАЖЕВСКА