Шефот на тимот на ММФ, Франек Розвадовски, синоќа допатува во Скопје, на последната рунда преговори со Владата за добивање на нови аранжмани. За таа цел, тој ќе бара да се намали буџетскиот дефицит од досегашните еден отсто од бруто-домашниот производ на централно ниво и 2,3 отсто заедно со фондовите. Причина за ваквото барање на ММФ, велат наши извори од преговарачкиот тим, е што преку стегањето на буџетскиот дефицит ќе се создаде простор за намалување на огромниот дефицит на тековната сметка на платниот биланс, кој веќе ги надминал прифатливите граници, што пак е последица на високиот трговски дефицит, односно многу поголемиот увоз за сметка на извозот. Тоа значи дека кон крајот на јули, годинашниов буџет ќе мора да претрпи прв ребаланс. Доброупатените велат дека ваквата препорака на ММФ, Владата веројатно ќе ја прифати, бидејќи сака да има аранжман со Фондот, кој пред Бордот на директорите на ММФ ќе се најде во август годинава. Наспроти изненадувањето што Розвадовски и неговиот тим го подготвуваат за Владата, нејзините советници се на мислење дека нашиот тим овој пат од крутите фондовци треба аргументирано да побара релаксирање на макроекономската политика.” Владата треба да бара релаксирање на макроекономската политика во функција на забрзување на растот и отворање на нови работни места и со цврсти аргументи да го убеди ММФ во тоа”, вели академикот Таки Фити. Според него, потребна инфлација од некаде три до четири отсто бидејќи со сегашната стапка од нула проценти дефакто нема раст. “Македонија е сега заспана убавица. Владата ги има предлозите на маса и останува да се види дали и ќе ги прифати”, нагласи Фити. А колку од напредокот во овие области е задоволна Светската банка, ќе се знае денеска напладне за кога е закажана последна преговарачка сесија помеѓу Владата и тимот на Светската банка, предводен од Брус Кортни, на која ќе присуствува и главниот преговарач од ММФ, Франек Розвадовски.


Весна М. БОЖИНОВСКА