Писмата кои што Катица Јанева ги испрати од истражниот затвор во Шуто Оризари, а чија содржина се однесуваше на работата и предметите на СЈО, биле напишани рачно, а потоа преку затворската служба биле претпратени до Судот, согласно процедурата и куќниот ред на затворот.

Ова во најновото „Само интервју“ со Гоце Михајлоски го изјави директорот на затворот во Шуто Оризари Есад Рахиќ. На прашањето на Михајловски дали во затворот има нотар, бидејќи многу правни експерти го спореа легитимитетот на тие писма, Рахиќ потврди дека нема.

На разговор ми кажа „Имам напишано писмо и сакам да ви го предадам“, јас и реков не, ќе го предадеш на дежурниот, дежурниот ќе ми го предаде мене, јас ќе го заверам во архива и ќе оди до судот, вели Рахиќ.

Овие писма кои Јанева ги испрати од притвор до ЈО и со кои таа дава согласност за преземање на предметите на тогашно СЈО од редовното обвинителство, уште тогаш беа оспорувани. Правниците тврдеа дека овој потег е преседан кој повторно создава правна несигурност и клима на непочитување на законите и институциите.