“Песок мафијата” во Индија се користи за заплашување, со цел да можат во мир да извлекуваат и да шверцуваат песок.Во Мароко и на Карибите, крадците на песок буквално уништуваат цели плажи. Модерните градови се изградени од песок и честопати на песок.

Голем дел оди на мешање на бетон и асфалт. Најмногу песок се троши во Азија, па така Кина е одговорна за 50% од светската побарувачка, пренесува Економист. Песокот се употребува за производство на стакло, електроника и при вадење нафта. Огромни количини на песок се фрлаат во морето за да се прошири територијата.

Сингапур, на пример, на овој начин ја прошири копнената површина за 20% од шеесеттите години на минатиот век. На Малдивите и Кирибати, песокот се користи со цел да се спасат островите од зголемувањето на нивото на морето.

Нивото на морето ќе продолжи да расте, а ќе расте и побарувачката за песок. Иако се чини дека има песок во изобилство, на светот сериозно му се заканува недостаток на песок. Пустинскиот песок е премногу мек и не може да се користи за комерцијални цели. Близината на песокот до местото каде нешто се гради исто така има релативно важна улога.

Со оглед на тоа дека песокот е прилично евтин, тој често е неисплатлива роба за превозниците. Сингапур и Катар се најголеми увозници по глава на жител, а од Австралија на пример, се извезуваше во Дубаи за изградбата на Бурџ Калифа.

Повеќето земји регулираат колку и од каде може да се извади песок, но високата побарувачка создаде нелегално шверцување во многу земји кои брзо се развиваат. Резултатот е тоа што на местата кадешто се вади песок, тоа се прави побрзо отколку што тој природно се регенерира, што може да има сериозни последици за животната средина.