НИП-от заглавен во “апелациона” фиока
Веќе трета недела Апелациониот суд го “чешла” предметот НИП”Нова Македонија” со што оптимизмот на доверителите дека случајот ќе биде брзо завршен, паѓа во вода. Од официјални извори во Апелација дознаваме дека предметот е даден на разгледување и одлучување, но иако поминаа дваесетина дена, одлука нема. Наши извори велат дека причината зошто предметот толку долго се држи во Апелација е што, наводно, бил многу обемен и на судијата му требало време добро да го проучи пред да ја донесе конечната одлука. Сепак, од овој Суд уверуваат дека одлуката ќе “падне”, најверојатно, на почеток на идната недела. Со тоа, конечно ќе може и практично да се реализира купопродажбата на големата зграда на НИП-от која, уште летово, на тендер ја доби Јавното станбено претпријатие за 6,66 милиони евра. Трансакцијата не може да се изврши се додека не финишира правната процедура поради која не само што доверителите не можат да си ги наплатат своите побарувања туку и ЈПССДП е оневозможено да го реализира својот проект. Неофицијално се дознава дека и преставниците на Европската комисија во Македонија се заинтересирале за овој случај.
Наспроти информациите од Судот, директорот на ЈПССДП, Владе Стојановски вчера за “Вечер” изјави дека тој лично добил информација дека предметот НИП”Нова Македонија” во Судот ќе биде завршен за петнаесетина дена. – Ние сме подготвени да платиме за зградата и тоа ќе го направиме во рок од седум дена, откако Апелација ќе го заврши својот дел од работата”, вели Стојановски.
Според проектот, во четиринесеткатницата на некогашниот НИП ќе треба да се вселат неколку министерства и државни фондови. Првичниот тајминг предвидуваше реконструкцијата на зградата и вселувањето да завршат до крајот на годинава, но, според вчерашната изјава на Стојановски, тоа ќе се пролонгира за мај-јуни идната година.
Доверителите сметаат дека некој сериозно игра игри со случајот “Нова Македонија”, а сомневањата одат во насока дека зад сето ова стои, наводно, Владата која поради поголема сума пари има интерес да го одолговлекува целиот случај. Дали е во прашање каматата или нешто друго е дилема на која засега нема одговор. Дека некој има интерес да го продоложува решавањето на случајот, како што велат доверителите, говори и фактот што предметот иако е обемен, не е непознат. Случајот трае веќе три години, се работи за хипотека која воопшто не е реализирана, а Основниот суд Скопје 1 веќе донесе одлука за поништување на хипотеката.
Весна М. БОЖИНОВСКА Светлана БЛАЖЕВСКА