Гувернерот на Народната банка на Македонија, Петар Гошев, му даде на Јовица Стефановиќ-Нини, доминантен сопственик на Македонска банка, нов рок да го продаде својот пакет-акции во Банката. Ова го дознава “Вечер” од банкарски извори кои велат дека Нини, кој според одлуката на гувернерот требаше своите 60 отсто од акции во Македонска да ги продаде до крајот на минатиот месец, сега со новата одлука на Гошев тоа ќе може да го направи до крајот на годинава. Ваков епилог и се очекуваше, велат наши извори, со оглед на фактот што Нини сите услови што ги побара Централната банка за да му го продолжи рокот, ги испочитува. Дознаваме дека одлуката е подготвена, но дека Гошев нема да ја парафира се додека Нини не доуплати 2,5 милиони евра на посебна сметка во Македонска банка. Со тоа и последниот услов – гаранција во вид на депозит од 10 милиони евра ќе биде исполнет откако неодамна на сметка во банката легнаа 7,5 милиони евра. Овие пари без одобрение на НБРМ, Македонска не смее да ги троши.
Од извори во Македонска дознаваме дека 2,5 милиони евра “се на пат” и дека деновиве и тие ќе бидат уплатени. Од Банката очекуваат дека со пролонгирање на рокот за продажба на акциите до крајот на годинава Гошев ќе го испочитува и барањето на претседателот на УО на Банката, Љубомир Михајловиќ, на Македонска да и ја врати и лиценцата за работа со странство. Од оваа Банка се оптимисти дека големото овластување кое е одземено лани летото, ќе биде вратено во април годинава.
Од Кабинетот на гувернерот на Народната банка потврдуваат дека се чека Македонска да доуплати 2,5 милиони евра и дека доколку биде исполнет цензусот за работа со странство според законот, лиценцата за големо овластување ќе им биде вратена.


Весна М. БОЖИНОВСКА