Македонските граѓани што сакаат да стапат во брак сѐ уште имаат надеж дека коронавирусот ќе стивне и сѐ повеќе се одлучуваат да ги презакажат венчавките за есен, отколку да склучат брак во услови на рестриктивни околности. Иако и во овие месеци има млади што се одлучуваат за брак, сепак бројката е драстично помала од минатите години.

Најголем број закажани термини за склучување брак овој месец се откажани и се презакажани за одржување во август, септември и октомври годинава.

Статистиката во Управата за водење на матичните книги покажува дека во март годинава само во Скопје биле склучени помалку од 100 брака, што е само 15% во споредба со лани овој период, кога биле склучени 700 граѓански брака. Лани во март во целата земја биле склучени 1.144 брака, а годинава околу 950.

Во април годинава биле склучени 268 брака, а лани истиот месец биле склучени 1.166 брака. Во мај годинава имало 366 склучени граѓански брака, а минатата година 1.147 брака.

Оттаму велат дека најголем број од закажаните бракови се откажани и одложени за крајот на годината, па дури и за следната година. Во најголем дел браковите се откажани поради стравот на граѓаните од ширењето на коронавирусот, како и поради тоа што не е дозволено да се организираат свадби и веселби со голем број луѓе во рестораните.

Од Македонската православна црква – Охридска архиепископија велат дека по Велигден, сите закажани венчавки веќе се одложени за следните месеци. Владиката Агатангел минатата недела излезе со повик до младите да склучуваат венчавки и граѓански бракови, да не ги откажуваат, зашто на тој начин ќе се намали наталитетот во земјата.

Тој е единствениот владика на МПЦ, кој во овој период на корона-криза во земјата излезе со ваков апел кон младите луѓе.
 

Демографите изминатиот период, откако е почната корона-кризата во земјава, посочија дека се очекува пад на склучувањето на браковите во земјата, како и на наталитетот, што ќе се рефлектира и на демографската слика на земјата. Инаку, оваа година Македонија првпат влезе во негативен природен прираст. Таа е една од последните земји од поранешна Југославија што сега бележи поголема смртност на населението отколку раѓање на живородени деца.