Хемиските параметри на ќесињата за крв од асортиманот на “Бакстер” кои по инцидентот во битолската болница се испитуваа во лабораториите на Фармацевтскиот факултет и во РЗЗЗ, одговараат на пропишаните стандарди за кавалитет. Ова вчера го соопштија од Министерството за здравство, кои со ваквите наоди ги комплетираа вонредните анализи, со оглед дека како исправни се покажаа и испитувањата направени на Институтот за микробилогија во однос на стерилноста и другите параметри. Во официјалните наоди стои дека системите од три кеси за крв немаат назначен рок на употреба, додека оние со четири кеси се употребливи до мај 2007 година. Со тоа, се чини, Министерството за здравство го затвори случајот и си ги “испра рацете”, а кој и како ќе расветлува за тоа каде лежи причината за инцидентот и неисправноста на крвта во ќесињата за крв – останува нејасно. За волја на вистината, од Бирото за лекови навестија дека проблемот, веројатно, е последица на несоодветно ракување, транспорт или чувањето на овие медицински помагала кои бараат посебни услови и температура не повисока од 25 Целзиусови степени.
Меѓутоа, со оглед дека и дистрибутерот на ќесињата од реномираниот ”Бакстер”, скопски ”Зегин”, и битолските трансфузиолози се категорични дека кабаетот не е кај нив, останува да се надеваме дека случајот ќе го дорасчистат другите институции на државата кои беа вклучени во истрагата. Можеби во тоа ќе помогне евентуалнтата тужба од крводарителите, кои дадоа крв што потоа по нечија вина заврши на буниште?! (Р.Н.)