Заев нема црвени линии и решение е неговата оставка и неговото заминување. Во следните денови ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе за доверба на владата. И јас сум убеден во успех, бидејќи има политички партии кои мислам дека тоа ќе го поддржат. Постојат помали политички партии кои што се во рамките на коалицијата на СДСМ, а размислуваат да ја напуштата коалицијата, затоа што не можат да го поднесат националното предавство што го прави Зоран Заев, соопшти вечерва за “Инфомакс” потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски.

Николоски потенцира дека економската криза допрва доаѓа, ова е само почеток, за жал доаѓаат тешки месеци за сите граѓани на Република Македонија, а ВМРО-ДПМНЕ и граѓаните не гледаат капацитет на оваа влада да се справи со овој проблем.

-Ние како ВМРО-ДПМНЕ понудивме решение, а решението е оставка на оваа влада, да си замине Зоран Заев, да се формира Влада за национален спас која што ќе се справи со трите кризи, здравствената, економската и кризата во делот на евроинтеграционите односи со Бугарија. Македонија се наоѓа во најголемата криза од своето осамостојување до денес и начинот да се реши оваа криза е најголемите умови да се соберат на едно место во една влада за национален спас поддржана од сите политички партии. И после нормализацијата на состојбата, да се оди на предвремени избори на кои што ВМРО-ДПМНЕ ќе издвои голема победа. Ние и нашите членови сме во одлична кондиција. Има една народна “зад добар коњ прашина се крева”, а многу прашина гледаме во последниов период, вели Николоски.