Вечерва потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски гостуваше во дневникот на телевизија Сител каде што посочи дека под итно треба да се формира влада за национален спас и да се извади Македонија од дното во кое ја втурна Зоран Заев со неговите штетни политики.

„Јас се уште се надевам иако морам да кажам дека сум длабоко разочаран од односот на Бугарија, сепак ние сме соседни држави, блиски држави и најмалку што очекувам е нашата соседна држава Бугарија да го поддржува напредокот на Македонија кон ЕУ. Затоа што тоа е од интерес на сите во регионот. Еден стабилен економски развој на регион е од интерес на сите“, истакна Николоски.

Николоски додаде дека од друга страна мора да го искаже и разочарувањето од односот на Зоран Заев кон ова прашање со Бугарија.

„Политиката на Зоран Заев доживува фијаско. Кога не размислувате долгорочно, кога водите политика од денес за утре, кога лажете во Македонија и лажете надвор но во исто време кога го доведувате македонскиот народ и граѓаните на Македонија пред еден невозможен избор, а тоа е или да се одроди македонскиот народ и да стане нешто што не е, или да не преговара со ЕУ и да не напредува ниту економски, ниту во делот на владеењето на правото тогаш стигаме до резултати кави што сега имаме“, појасни Николоски.

Николоски порача дека Зоран Заев ја донесе Македонија во невозможна ситуација, а тоа е Македонци да бираат помеѓу тоа да станат нешто што не се, да се одродат или втората варијанта е Македонија да не напредува.

„Ние сме и треба да опстанеме како Македонци, ние знаеме дека нашите корени се македонски, а во исто време Македонија треба да преговара со ЕУза да напредува и во делот на економијата и во делот на владеење на право. Она што Зоран Заев го направи е што отиде предалеку со попуштањето и ја стави Македонија во непријатна позиција. Она што требаше да се направи е една достоинствена положба на Македонија каде што не со виткање на кичма туку со достоинствено со аргументи Македонија ќе се бори за себе“, нагласи Николоски.

Николоски рече дека не треба да се потценуваат аргументите на Бугарија каде нивните политичари јасно велат дека виделе колку многу оваа влада даде на Грција зошто и тие да не зедат.

„Затоа треба час поскоро да се формира влада за национален спас која ќе ја извади Македонија од ова дно“, потенцира Николоски.

Николоски појасни дека доколку Зоран Заев не ветувал на врвните бугарски власти дека ќе им даде се што посакаат само за да дојде на власт, доколку Стево Пендаровски каже на македонската јавност што е тоа што било минатата недела договорено во Берлин а еве никој не го знае во Македонија, и доколку имаат чесен пристап полесно ќе се решаваат проблемите. Не може во јавност едно да се говори, а позади завеса други изјави да имаат. А, за ВМРО-ДПМНЕ Гоце Делчев е најголемата историска фигура која што се борела за независна Македонија.