Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, во интервју за „360 Степени“ зборуваше за материјалите поврзани со случајот „Рекет“ кои ги најави лидерот на партијата, Христијан Мицкоски.

– Рекет го сруши политички, а во иднина ќе го сруши и правно, затоа што Рекет завршува кај него. И тоа јавноста ќе го дознае во следниот период.

Дали навистина Заев пријавил Рекет?! Наративот кој го гради Заев е дека тој го пријавил Рекет во ЈО за организиран криминал. Ако го пријавил, да ја видиме пријавата. Ако нема писмена трага, би му дал шанса на Заев да се изјасни, бидејќи било кој човек кој оди во обвинителство да пријави кривично-правен настан, за тоа јавен обвинител прави белешка, му дава копија на него која ја потпишуваат и јавниот обвинител и пријавителот, и потоа се истражува, дали има основ или нема…

Ако нема писмена белешка, значи дека не пријавил, може секој да се сретне и на улица со обвинител да направи муабет, ама се знае каков е законот и редот. Мора да има писмена белешка, потпишана од пријавителот, потпишана од обвинителот, посочи Николоски на забележката на водителот дека наводно имало средба на премиерот, Русковска и Јовески.

Квантитативно изразено, Рекет е тежок над 20 милиони евра, посочи Николоски. Кога ја дадов летово изјавата за 20 милиони, Катица не беше во притвор.

Рекетот е поголем од 20 милиони евра, што само покажува на кое ниво отиде корупцијата во државава, управувана од врвот на власта. Само соберете ги сумите кои се јавно објавени: колку му е барано на Камчев, колку е барано на битолскот бизнисмен, колку на струшкиот бизнисмен, и на сите други личности од досегашната истрага и искази за Рекет (досега јавно познати) …да не зборувам Рекет2, за аферата Вирус, да не зборувам за бизнисменот кој е притиснат да продаде земјиште…

Николоски рече дека тие материјали се доставени до нив од свиркачи на кои, како што рече, им е преку глава од криминалот и корупцијата.

„Тие документи говорат за далеку поголема инволвираност, лично на Зоран Заев, и на луѓе околу него, од ова што сега е познато во јавноста. Имајќи предвид дека судскиот процес почна, ние се уште даваме шанса на правосудните органи, сите овие факти да ги презентираат во судот. Доколку не го направат тоа, а како што ми стои сега, мислам дека нема да го направат, за многу брзо, кога велам многу брзо, мислам на недели а не на месеци или години, ВМРО-ДПМНЕ ќе биде приморано да излезе во јавноста и да ги презентира истите“, рече Николоски.

Во однос на изјавата на Орце Камчев кој демантираше вмешаност на Заев, Николоски прашува дали премиерот навистина пријавил во Обвинителството за организиран криминал и корупција, алудирајќи на тоа дека нема копија од пријавата, како и дека баш поради тоа решил да го тужи.

„Уште една провокација. Дали Зоран Заев ќе сведочи во „Рекет“? Досега не сме го виделе дека е поканет да сведочи, а некако ниту самиот не се нафаќа јавно да понуди да сведочи. Зошто не излезе во јавност и да каже – јас би сакал да сведочам и да кажам што знам“, рече Николоски.

На забелешката дека тоа е работа на обвинителството или на одбраната, Николоски рече дека ниту едните ниту другите не би го викнале бидејќи им е страв од него, па затоа најдобро би било сам да понуди да сведочи.

„Мислам дека не го прави тоа затоа што многу лесно може од сведок да стане обвинет, и затоа се обидува вака да се испере, мене да ми поднесува тужби, да прави пр дека тој пријавил а не пријавил и да не се појавува во судскиот спор“, рече Николоски.

Николоски вели дека постојат материјали поврзани со случајот „Рекет“ коишто водат до Заев.