Во рамки на саемот за храна и земјоделство АГРА2018,што се пдржува во Горња Радгона, Словенија, министерот за земјоделство,шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски заедно со претседателот на Собранието на Република Словенија и поранешен министер за земјоделство,шумарство и храна Дејан Жидан, одржаа македонско-словенечки бизнис форум, на кој што присуствуваа компании, стопански комори и здруженија од двете држави.

saem za hrana i zemjodelstvo

Од македонска страна на форумот беа презентирани потенцијалите на македонското земјоделско производство, поддршката и можностите за инвестирање во агро-секторот, но и генерално можностите за инвестирање во Македонија, како и туристичката понуда што ја нуди Македонија.

Министерот Николовски а форумот потенцираше дека Владата работи на зголемување на трговскиот биланс со Словенија, а ваквите бизнис форуми се можност за запознавање на фирмите и потенцијалите на двете земји.

„Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Македонија секоја година од буџетот одвојува финансиски средства во износ од пола милион евра, за поддршка на извозно ориентираните фирми, за промоција на нивните производи на странските пазари. Очекувам дека на денешните B2B средби присутните фирми ќе најдат взаемен интерес, и ќе отворат пат кон меѓусебна долготрајна успешна соработка во интерес на двете земји. Ги охрабрувам нашите и словенечките компании овој бизнис форум да го искористат за да воспостават односи на доверба, отвореност и пријателство“, порача министерот Николовски.

Претседателот на Собранието на Република Словенија, Дејан Жидан, рече дека вкупната трговска размена помеѓу двете земји лани во споредба со претходната 2016 година бележи пораст, а исто така и оваа 2018 година е регистрирано зголемување.

Македонија оваа година за прв пат е земја-партнер на 56-тото издание на еден од најголемите меѓународни саеми за храна и земјоделство во Централна и Источна Европа, АГРА 2018.

Република Македонија на саемот се претставува со нашите препознатливи земјоделски производи, нашата традиција, познатиот македонски вкус, како и можностите за инвестирање во македонскиот агрокомплекс. Како земја-партнер Македонија, има свој штанд на кој што вкупно 27 македонски компании ги промовираат своите производи, меѓу кои има производители на органски производи, преработувачи на овошје и зеленчук, винарии, преставници од туристички агенции за промоција на туризмот во Република Македонија.

Претставувањето на нашите производи на македонскиот штанд е помогнато и од Програмата за зголемување на пазарната вработливост на Швајцарската агенција за развој и соработка. Воедно, со цел подобро да се промовираат традиционалните производи, МЗШВ во „Винскиот подрум“ на саемот организираше ручек за сите министерски делегации и поканети гости, каде што присутните имаат можност да ги вкусат македонските традиционални јадења и да наздрават со најквалитетните македонски вина. За доброто партнерство и организација, министерот Николовски доби благодарница од претседателот на Управата на Помурскиот саем, Јанез Ерјавец.

извор: Makfax