Денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој исплати речиси150 милиони денари за субвенции за третата фаза за литар предадено млеко, соопшти министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, при денешната посета во Битола.

„Оваа сума пари денеска им е исплатена на над 6.700 фармери, а во следните денови комплетно ќе заврши исплатата по овој основ. Со оваа исплата се заокружува исплатата на првата, втората и на третата фаза за субвенциите за предадено млеко. Вкупно досега за сите три фази по Програмата за финансиска поддршка за 2017 година се исплатени речиси 472 милиона денари – за субвенции за кравјо млеко од 3,5 денари за литар и за субвенциите за козјо и овчо млеко до 4 денари за литар“, изјави Николовски.

Тој рече дека првпат е распишан оглас за сточна храна за кој има голема заинтересираност, а со тоа ќе се придонесе сточарите да имаат поевтина добиточна храна.

„Преку Прогрмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2018 година посебен акцент ставивме на сточарите со развоен капацитет, односно тие ќе добијат 10 отсто повисоки субвенции за грло. А во следниот период Владата ќе излезе со нови сет мерки за развој на сточарството. Поддршката за развојот на сточарството особено ќе расте со нашата интеграција во НАТО и ЕУ и ќе ни стои на располагање 10 пати поголема сума за финансиска поддршка од европските фондови од онаа што сега ја користиме“, изјави Николовски.

извор: Makfax