Најновата “игра” на младите, разулавени, возачи во главниот град на БиХ се вика “сараевски рулет”. Желбата за повеќе адреналин, тие ја нашле во смртоносната идеја да јурат низ црвено со брзина од 150 километри на час. Наводно, на овој чекор се решиле бидејќи досегашното брзинско натпреварување од семафор до семафор, повеќе не им го кревало адреналинот. Но, се погласно низ саревската чаршија се говори дека е тоа нов вносен бизнис на локалната мафија.
“За среќа, досега нема повредени, но се плашиме дека ќе ги има”, велат во сараевското МВР. За новиот сараевски хорор, проговори младиот Адис Хајрулаховиќ, кој беше редовен учесник во натпреварите – од семафор до семафор. Според него, сараевскиот рулет е опасна игра во која тој не сака да учествува и покрај висината на обложувањата кои достигнуваат и до 20.000 евра.
“Висината од обложувањата зависи од бројот на минувачите на пешачките премини, фреквентноста на улицата или крстосницата и времето на јурењето низ црвено. Засега, најценети и најскапи се јурењата низ црвено на семафорот кај крстосницата пред зградата на Претседателството на БиХ и тоа во два часот попладне. Станува збор за крстосниците каде во тоа време низ пешачките премини мунуваат педесетина луѓе. Таа рута, засега не ја поминал никој. Имало многу заинтересирани, но во последен момент се откажале” – вели Хајрулаховиќ. Тој додава дека сараевскиот рулет станал хит во регионот и дека доаѓале ловци на награди и “слава” од Загреб, Белград и многу други градови.
Но, не може секој, тукутака да учествува во трката. Покрај храброста и лудоста, заинтересираниот мора да даде котизација од 25.000 евра. А, кому ги дава ако не на организаторот во заднина, сараевските мафијашки босови, велат во полцијата. Кога ќе се исполни основниот услов, морбидните пропозиции се крајно едноставни: тој што ќе помине низ црвено со договорената брзина, ја добива котизацијата и парите од обложувањето. Тој што нема да помине, се смета за покојник!