Нигериските војници спасија 241 луѓе од заробеништво од исламистичката терористичка група Боко Харам, соопшти војската.

Ослободени се 136 деца и 105 жени, изјави воениот портпарол Џон Ененче.

Тие беа спасени во противтерористичката операција во селото Муду на североисток од државата Борно, рече Ененше.

За време на операцијата беа убиени 12 милитанти.

„Заробениците биле евакуирани од селото и во моментот се наоѓаат под медицински надзор, а селото е исчистено од терористи“, рече портпаролот.

Боко Харам претставува постојана закана за заедниците во североисточна Нигерија и започна офанзиви во соседните Чад, Нигер и Камерун.

Целта на групата е целосна примена на шеријатот, строго толкување на исламскиот закон. Нивна цел се жените и девојките кои ги користат како сексуални робинки или ги принудуваат да стапат во брак со борците на таа група.

извор: Makfax