Производителите на пченка во Пелагонија бележат пораст на приносите од 124% од 2012 до 2015 благодарение на напорите на УСАИД, Владата на Швајцарија и Алкалоид АД Скопје за модернизација на производството на пченка со помош на системи капка-по-капка и течните ѓубрива.

Почетокот на жетвата на пченка за силажа во Пелагонија годинава ветува продолжување на нагорниот тренд. Проектот на УСАИД за експанзија на мали бизниси и Алкалоид ќе го одбележат почетокот на жетвата утре на полето со пченка на земјоделецот Илчо Даскалоски во близина на с. Мало Коњари, Општина Прилеп.

Овоз земјоделец во 2014 година поставил систем капка-по-капка на еден хектар од неговото поле со пченка, како донација од Проектот за експанзија на мали бизниси, финансиран од УСАИД и Владата на Швајцарија. Потоа работењето го проширил на дополнителни два хектари со сопствени финансии кои ги добил од добрите резултати. Неговиот успех беше забележан од фармацевската компанија Алкалоид која на почетокот на оваа година донирала течно ѓубриво Агросал од нивно производство на двајца од најпродуктивните земјоделци во Пелагонија, а еден од нив е Даскалоски.

Благодарение на системот капка-по-капка и течно ѓубриво на Алкалоид Даскалоски очекува принос на силажа од пченка над 80 тони од хектар, значително над националниот просек од 30 тони од хектар.

Истиот нагорен тренд се забележува речиси кај сите производители на пченка во Македонија кои во последните неколку години користат системи капка-по-капка и течно ѓубриво.

-Просечните приноси на силажа на овие петстотина земјоделци изнесуваа 39 т/ха во 2012 година, пред поставувањето на системите капка-по-капка, а по поставувањето на системите во 2013 бележат континуиран раст, и тоа со приноси од 72 т/ха во 2013, 82 т/ха во 2014 и 87 т/ха во 2015-информираат надлежните од проектот на УСАИД.

Според нив новиот рекордедн принос на силажа од пченка поставен во 2015 изнесуваше дури 126 т/ха.

-Непогодните временските услови во 2016 имаа значително негативно влијание врз производството на пченка, но земјоделците кои се служат со системите капка-по-капка и течното ѓубриво ги минимизираа последиците и земјоделците очекуваат да го задржат или надминат минатогодишниот просек- велат од Проектот.