“Исклучително скромен пристап кон една целосна економска политика на една држава. Вака со најучтиви зборови што можеше да ги изнајде, ја оквалификува студијата на економскиот експерт на Виенскиот институт за компаративни студии Владимир Глигоров, првиот финансиер во државата Никола Поповски. Студијата на г-динот Глигоров ја почитувам како негово мислење, но сепак таа се потпира само на три мерки, на зголемувањето на дефицитот во буџетот во програмата претставено како зголемување на јавните инвестиции, на промена на курсот или на режимот на формирање на курсот на денарот, и на целосна либерализација на капиталната сметка на државата. Нема динамика, нема елаборации, а секоја од овие мерки бара сериозни елаборации. Значи мерки од ваков карактер во овој момент се само прилично академски за да може Владата на нив да се потпре. Тие се малку применливи за една сеопфатна економска политика на Владата”, е првичната реакција на министер од витален економски ресор во државата на нарачаната студија од страна на претседателот Црвенковски.
Констатациите на Владимир Глигоров кои предизвикаа ваква притаена жолчна реакција изнесени во студијата се дека на Македонија и треба мирна депресијација на денарот, односно, девизниот курс треба да се овозможи одредена номинална депресијација со цел да се подобри економската конкурентност, и тоа најмногу до една третина. Јавните трошоци мора да се зголемат преку инвестиции во инфраструктурата и комуналните услуги и конечно: Не постои причина зошто Македонија не би можела да го зголеми својот надворешен долг за 10 или дури 20 проценти, особено ако тој е приватен а не јавен, сугерира Глигоров.
На ваквите храбри предлози министерот за финансии поентираше: “Две-три години голем дефицит, четвртата година нема да ви стигнат парите во Буџетот за ништо да платите, дури ни за тековни активности. Играњето со дефицит за РМ не можам да го крстам ниту како играње со оган, туку како влегување во оган сосема извесно со големи дефицити во јавниот сектор”, изјави вчера Поповски.


Виолета ЦВЕТКОВСКА