Пет члена на италијанскиот парламент и уште 2.000 градоначалници, претседатели на региони, членови на регионалните влади зеле бонус од по 600 евра, што владата го одобри да им помогне на оние со проблеми во работењето заради „Ковид19“ и карантинот.

Како што пишува дневниот весник „Република“, сите италијански медиуми и социјални мрежи се преполни со коментари, барања, осуди …

Измамата ја открила Комисијата против корупција и измама на Државниот завод за пензиско осигурување ИНПС.

Силни осуди доаѓаат од сите политички партии и институции.

„Срамно“, напиша лидерот на Демократската партија, Никола Зингарети, а претседателот на долниот дом на парламентот, Роберто Фико, најави дека „членовите на парламентот, како претставници на народот, имаат морални обврски, не само правни“.

Министерот за надворешни работи Луиџи ди Мајо рече дека „службениците кои го зеле бонусот мора да ги вратат парите, да им се извинат на Италијанците и да си дадат оставка“.

Шефот на партијата Лига, Матео Салвини, побара „кој и да го направил тоа , мора веднаш да биде сменет“, а првиот човек на парламентарната група на Движењето Пет Sвезди, Вито Крими, рече дека овој потег е „одвратен и недопустлив“.

Имињата на петмината парламентарци не се познати, но според извештаите на медиумите, се знае дека тројца се членови на партијата Лига, еден е член на Движењето Пет Sвезди, а еден е член на партијата „Италија вива“ на Матео Ренци.

Засега парламентарците кои покрај високите приходи, исто така, зедоа и бонус наменет за оние кои имаа проблеми поради кризата, се заштитени со законот за приватност, така што нивните имиња не се познати.

Но, веќе е покрената акција и петиција на социјалните мрежи за да се објават нивните имиња. Шефот на парламентарната група „Либери е Угуали“, Федерико Формаро, рече „дека е правилно Италијанците да ги дознаат имињата на парламентарците што го зеле бонусот, а оние што го сториле тоа мора да се соочат со одговорност“, изјави Формаро.