Mинистерот за образование Арбер Адеми денеска апелираше до родителите, учениците, студентите, наставниците и професорите да користат алтернативни начин за продолжување на образовниот процес, сè додека не се смири ситуацијата со коронавирусот.

Тој рече дека во вакви услови не можат да кажат до кога ќе трае прекинот, дали само 14, дали 20 или повеќе денови, но ги охрабри сите да наоѓаат алтернативни начини.

Не сметам дека оваа учебна година е уништена – рече Адеми одговарајќи на новинарско прашање, дали доколку овој прекин потрае, учебната година ќе се поништи.

Во прв план ни е здравјето на граѓаните и на децата. Станува збор за пандемија и затоа во вакви околности не може да се организира настава. Не сметам дека оваа учебна година е уништена. МОН заедно со другите институции има капацитет за да ја организира наставата. Дали преку училишни канали на комуникација или на друг начин, но процесот не смее да запре  – рече Адеми.

Тој посочи дека во Законот за основно образование има прецизирано што се предвидува во случај на епидемија и една од опциите е да се направат скратени наставни програми, но тоа, според Адеми, сега не е опција бидејќи не се знае колку ќе трае прекинот на наставата.

Тој како алтернативни начини на учење ги посочи бесплатните апликации, и едукативната програма на МТВ наречена ТВ-училница, каде на трите канали почнаа да се емитуваат лекции по сите предмети кои се учат во школите.

Првичните реакции се позитивни, а програмата ќе се реализира се до стабилизирање на ситуацијата и враќање на децата во школите – истакна Адеми.

Како пример Адеми ја издвои Општината Карпош, каде што е направена дигитална платформа за споделување содржини за изучување и надоместување на знаењето кога е во прекин наставата.

Адеми истакна дека овој неформален начин на едукација не го заменува формалниот, но помага за да не се прекине образовниот процес. Тој ја истакна подготвеноста на ова скопска општина да им помогне на другите општини да ја преземат.

Адеми апелираше до универзитетите и јавните научни институции и средните училишта да применуваат онлајн-настава.

Не можеме да ја продолжиме наставата во училници, но можеме да ја приспособиме на новото време – рече денеска градоначалникот на Општина Карпош Стефан Богоев, кој од прес-конференцијата во Владата упати пораки до родителите – да продолжат да се интересираат и да ги почитуваат препораките, и до учениците – да седат дома, да учат по електронски пат и надвор да излегуваат само ако не е неопходно.

Ова не е распуст, туку ситуација која бара дисциплина и одговорност – рече Богоев.

Тој информира дека од вчера во 10-те основни училишта во оваа општина се спроведува е-настава за учениците од 9 одделение, која во следниот период ќе се организира и за пониските одделенија. На неа наставниците прикачуваат содржини по 8 предмети, се поставуваат пауерпоинт-презентации, квизови и предавања.

Богоев рече дека имал средби со МОН и Бирото за развој на образованието кои дале согласност и поддршка за овој тип е -настава во Карпош.

И Адеми и Богоев признаваат дека овој начин не го заменува формалното образование и дека се соочуваат со многу предизвици како слаб интернет во некои места, деца што немаат компјутери, некои не можат да следат ваква настава.

Одговарајќи на новинарско прашање, Богев рече дека никој од родителите и децата што беа во 14-дневна изолација поради присуството на семинарот на лекарката од Клиниката за кожни болести, која е заразена со коронавирус, досега не покажале симптоми на зараза.