Не се дозволени посети на домови на роднини и пријатели во сабота за Велигден или во недела, за славење заедно, истакна портпаролот на грчката Влада Стелиос Пецас на денешниот редовен брифинг со новинарите, потсетувајќи ги граѓаните дека таков вид на движења се забранети, јави дописничката на МИА од Атина.

Реалната закана што ја имаме во овој момент е олабавување, опуштање особено во деновите за Велигден, во сабота или недела, со евентуални посети на роднини или пријатели. Такво нешто треба да се спречи, не е дозволено и ќе направиме сѐ што треба за да гарантираме дека ова ќе се спроведе во пракса, порача Пецас.

Уште еднаш потсети дека Велигден оваа година е поразличен, повторувајќи дека „нема да одиме во нашите села, нема да печеме во нашите дворови, нема да одиме во црква“, а се осврна и на вчерашните случувања во црквите во Атина и на Крф, каде што и покрај забраната, свештени лица причестуваа верници, велејќи дека ги прекршуваат законите за заштита на јавното здравје.

Вербата ја одржуваме во себе и избегнуваме гужви за да го задржиме ниско бројот на потврдени случаи и на жртви, кои за жал постојат и за да излеземе од здравствената криза колку е можно побргу и со помалку последици. Би било неправедно да го урнеме сето она што го градевме во изминатите седмици. Би било неправедно да потпаднеме под влијание на пролетта, што нѐ предизвикува да направиме грешка и да ги прекршиме рестриктивните мерки. Едно е индивидуално вежбање во близина на нашиот дом, а друго е собирање во марини, тротоари и паркови, истакна портпаролот на грчката Влада.

Пецас рече дека контролите на полицијата и крајбрежната служба ќе станат построги, а ќе ги има насекаде, на автопатите, на улиците, на меѓуградските автобуски станици, на железничката станица, на пристаништата и на аеродромите.

Во однос на олабавувањето на мерките и враќањето во нормала, Пецас рече дека се прават подготовки, „се разгледува стратегијата за враќање во иднината“.

Но, се уште не сме стигнати до тоа. Ништо не е дефинитивно решено. Единствено што е сигурно е дека колку полојално покажуваме дисциплина во рестриктивните мерки, толку побрзо ќе започне одбројувањето, постепеното и долготрајно враќање во нормала. Ништо нема да се случи преку ноќ, објасни портпаролот на грчката Влада на денешниот редовен брифинг со новинарите и странските дописници преку видеоконференција.