Ако немате одговор на прашањето каде води вашата врска, тогаш чукнал часот.
Љубовта е чудна работа. Ви нуди многу убави работи, ви става розови очила, па често не можете да ја видите реалната ситуација. Меѓутоа, кога ќе се случат ситуации од облаците да паднете директно на студениот бетон и да ги видите работите онакви какви што навистина се, започнува кошмарот и прашањето: „Каде бев досега и што правев?”

После неколку месеци добра врска и љубов, следува логично прашање: Каде води ова? Одговорот кој сите го очекуваме е личноста со која ги споделуваме заедничките моменти или постелата да посака иднина со нас. Секако, не очекувате да ви понуди целосен план за вашата иднина, но доволен е мал знак, мало внимание дека тој ве сака како негова сопатничка во месеците и годините кои следуваат.

Доколку забележите дека не знаете каде плови бродот на кој сте, или вашиот господин Вистински избегнува такви разговори и на секое прашање добивате несигурен одговор „Не знам”, мораме да ве известиме дека сте во голем проблем.

Потрошеното време не можете да го вратите, како ни спомените, а ако на време спречите лошата врска да стане полоша, поголеми се шансите за ваше закрепнување.

Затоа, погледнете некои од знаците кои ви кажуваат дека сте во врска која нема никаква иднина (иако се надевате на неа) и дека е време да му кажете збогум (колку и болно да звучи тоа).

1. Се чувствувате осамени во врската

Има ли полошо чувство од она кога знаете дека имате партнер покрај себе, но се чувствувате како да сте најосаменото суштество на светот. Проблемот е што тој од себе ви дава само трошки и вие со тек на време станувате зависни без оглед што во врската не ви е убаво. Тој станува како дрога која ви штети, но ви е потребна за да преживеете. Секогаш се надевате на подобро и наоѓате ситници кои покажуваат дека нему му значите и дека ситуацијата ќе се промени, а состојбата на осаменост ќе стане минато. За жал, вистината е поинаква. Чувството на осаменост не се лекува лесно, а тоа е првиот знак дека на личноста покрај вас не ѝ значите доволно.

2. Губите самодоверба

Кога ќе добиете само трошки од нечиво внимание и време, не можете а да не се запрашате дали можеби проблемот е во вас. Како што поминува времето, а ситуацијата не се менува, вашата самодоверба ќе го извлече подебелиот крај! Запомнете дека заслужувате онолку колку што давате.

3. Немате планови за иднината

Доколку после некое време сфаќате дека никогаш со него нема да го имате она што го сакате и избегнувате разговори за иднината, време е да престанете да го губите своето време. После само 6 месеци парот треба да се запраша што понатаму, а после 2 години врска треба да имате точна визија и да знаете дали тоа е она вистинското или не. Немојте да дозволите да бидете со некој кој ве нема во плановите, затоа што тоа значи само едно: не ве сака и не му значите.

4. Не оставате место за господинот Вистински, ако се уште се борите за погрешниот

Кога целата своја енергија ќе ја насочите кон момче кое не ве задоволува психички и физички, но продолжувате да се гледате со него, ја затворате можноста да се појави господинот Вистински. Важно е на време да препознаете дали вреди да се борите за момчето кое не знае да ги испочитува сите ваши потреби. Колку и да го сакате и се обидувате да го промените, запомнете дека некогаш е подобро да затворите една врата, бидејќи постои можност да се отвори друга. Доколку навистина сакате вистинска љубов во вашиот живот, не трошете време на поправање и менување на личноста која не ве заслужува.