Не инвестирајте во Македонија!
“Министерството за финансии, односно еден државен орган не ги почитува законите на оваа држава. Со тоа, нам, но и на сите останати сегашни и потенцијални инвеститори им праќа порака: “Не инвестирајте во македонската економија! Од ова место М-6 на сите противници им порачува: Не се откажуваме од “Тиквеш! Ние сме тука да ги почитуваме законите, да обезбедиме благосостојба за компанијата, за вработените, за заедницата и за себе. А политичарите, посебно оние кои не ги почитуваат законите и поредокот се менливи и минливи. Тие не оставаат ништо значајно зад себе. “Ова беше пораката на сопствениците на групацијата М-6 и претседателот на Управниот одбор на ВВ “Тиквеш”, Светозар Јаневски, на вчерашната прес-конференција во Кавадарци на 10 дена пред реалната закана врз најголемата винарска визба во Југоисточна Европа да се отвори стечајна постапка. Елаборирајќи го целиот случај на постприватизацијата на “Тиквеш“ и опструкциите од државните органи долгот кон поранешната АСБ во износ од 2,5 милиони евра да се плати со обврзници, Јаневски рече дека зад овој законски модел на раздолжување, усмено и писмено застанале тогашниот премиер Хари Костов, екс-министерот за финансии Петар Гошев и екс-министерот за економија Илија Филиповски, и со нивно знаење и потврда е пристапено кон намирување на новите сопственици на визбата кон државата. Наместо прифаќање на сите договорени и со закон поткрепени услови за плаќање по налог на актуелниот министер за финансии, се врши двојна блокада на “Тиквеш” една лани, една годинава, и тоа во ек на откупот на грозјето. И покрај ваквиот притисок, “Тиквеш”, рече Јаневски, откупи рекордни 40.000 тони грозје, наместо оптималните 20.000 тони и тоа по цена во просек за 10 насто поголема од оние во периодот пред купувањето на винаријата. Со повторната блокада, на “Тиквеш” само за еден месец, му е нанесена штета од 600 илјади евра.
Набројувајќи ги серијата преседани кои ги прават неколку државни органи и институции кон оваа винарска куќа, првиот човек на М-6 рече дека тука се контроверзната одлука на Судот кој ја симнува блокадата со решение во кое сугерира натаму да се применуваат налозите на министерството за финансии, односно истите оние кои доведоа до блокада. Згора на тоа, Комисијата за хартии од вредност која во законските рокови носи мериторно решение за исправност на сите берзански трансакции за преземање на ВВ “Тиквеш” од страна на М-6 носи “чудна” опомена за брокерот кои ги прави трансакциите и упатува на скусување на правото на глас на овие акции, и тоа ретроактивно една година наназад. Конечно, “стравот” од двојни дисконти кои би ги искористил инвеститорот, односно М-6 во отплатата на долгот кон државата е повеќе од апсурден во случај кога, додека се води оваа жешка политичко-финансиска битка околу дисконтното раздолжување кон државата, токму државата на дузина фирми меѓу кои и винарски визби, но и други, им доделува дисконти за раздолжување од 95,56 отсто од главнината на долгот. Тоа, според писмениот извештај на Државниот завод за ревизија државата е оштетена со над 30 милиони евра.
Што стои зад ваквиот “селективен” однос кон “Тиквеш”, дали е политика, лична нетрпеливост или нешто трето, Јаневски не сакаше да прецизира, со благ коментар дека можеби е само незнаење.
Виолета ЦВЕТКОВСКА