Израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху, изјави дека воздушните напади на ирански цели во Сирија биле соодветни затоа што Иран ја преминал црвената линија.

Во кусо видео обраќање, тој рекол дека Израел извел опсежен напад на ирански цели во Сирија. „Ние сме во средина на една долга битка и нашата политика е јасна: нема да дозволиме Иран воено да се утврди во Сирија“, рекол Нетанјаху.

Белата куќа, Франција, Велика Британија и Германија го осудија Иран, а Русија ги повика на воздржаност и Израел и Иран по синоќешните жестоки конфронтации на двете земји.

Иранските сили во Сирија извршија ракетен напад на израелска воена база во Голанската Висорамнина рано утринава. Израел одговори со еден од најсилните напади на оваа земја во Сирија од почетокот на војната во 2011 година.

извор: Makfax