Владата го разреши директорот на ЈП “Македонски железници”, Стојан Наумов и за в.д. директор го назначи Милчо Смилевски – досегашен помошник-директор за финансиско работење во претпријатието. Официјално Наумов е разрешен поради незадоволителни резултати во работењето. Неофицијално, пак, на досегашниот директор му се припишуваат повеќе “гревови”, како што е оној со неисплатата на четирите плати на 756-те железничари кои заминаа како технолошки вишок, а чашата се прелеала поради тоа што без знаење на Владата го потпишал спорниот договор со “Неоком”, со кој без јавен тендер и овозможил на оваа скопска фирма во наредните 15 години да го користи оптичкиот кабел на Железницата, што е во стопроцентна државна сопственост, преку кој можат да се даваат интернет-услуги и за фиксната телефонија.
Во договорот што бил склучен без владина одлука, “Неоком” се обврзал да постави опрема и да работи на монтажата на оптичкиот кабел во сопственост на “Македонски железници” на релациите Табановце – Скопје – Велес, а за возврат да може во наредните 15 години да го користи кабелот за комерцијални потреби.
По разрешувањето на Наумов, како што се дознава од владини извори, во случајот “Неоком” ќе се вклучи јавниот правобранител кој ќе треба да испита дали договорот е штетен и дали е во согласност со законските прописи. Тој потоа ќе и препорача на Владата дали тој ќе биде раскинат или не. (С. Бл.)