Трговците со млеко ловат во матно пуштајќи дезинформации за затруеност на млекото кај нивната конкуренција, која и да е таа. Од брендовите млеко испитувани во регионот, а кои се присутни и кај нас, најчесто спомнувани како носители на афлатоксини се загрепски “Дукат” и “Мегле”. Спорно млеко од “Имлек-Моја кравица” нема во Македонија. Освен за “Моја кравица” конкуренцијата шири дезинформација и за производите на Љубљанске млекарне. Со вакви дезинформации се шири страв и свесно планирана штета на конкуренцијата

ИВОНА Талевска

По Србија и Македонија јавно објави листа на спорни увозни млека. Но, за разлика од Србија, каде што во 98% од мострите земени во млеката се утврди зголемено присуство на афлатоксин М1, кај нас Агенцијата за храна и ветеринарство соопшти дека токсично млеко во продажба нема.
Според Агенцијата целокупната увезена количина за која постојат сомневања дека може да има токсични материи се наоѓа во магацините на увозникот, што значи дека спорниот производ не е пуштен во промет.
– Инспекторите од Агенцијата зедоа мостри од наведениот производ со цел потврдување на резултатот, и со истиот ќе се постапува во зависност од лабораторискиот извештај – велат од АХВ.

Во насока на информирање на јавноста приложена е и листата на производи во Србија кај кои е утврдено зголемено присуство на афлатоксин. Во исто време, како резултат на донесеното Решение за задолжително лабораториско испитување на млекото и млечните производи кои се увезуваат во Република Македонија, АХВ информира дека утврдила зголемено присуство на афлатоксинот М1 во уште еден производ по потекло од Република Хрватска.
– Станува збор за производот млеко “Дукат” УХТ 2,8%ММ +7 витамини” од 1 л, со рок на траење до 19 април 2013 година. Целата количина од овој производ (околу 2.000 литри), се наоѓа во магацинот на увозникот, односно воопшто не е пуштена во промет и истиот, во согласност со законската процедура ќе биде уништен. Останатите производи од наведената пратка (вкупно 35) се исправни и тие ќе бидат пуштени слободно во промет – велат надлежните власти.

Дукат ги повлекува млеката од Македонија
Претставништвото на “Дукат” во Македонија самостојно донесе одлука времено да ги повлече од продажба сите млека од овој бренд кои се наоѓаат на македонскиот пазар и покрај тоа што за нив Агенцијата за храна и ветеринарство на Република Македонија потврди дека не содржат микотоксини над законски пропишаните граници, односно се безбедни и здравствено исправни.
– Следната пратка од кое било од млеката на Дукат”, која ќе биде испорачана во продажната мрежа во Македонија, покрај сите редовни микробиолошки контроли на млекото кои се спроведуваат во согласност со законските прописи и правилници, ќе помине и низ новиот паралелен систем за контрола на присуството на афлатоксин М1 во суровото млеко, што компанијата “Дукат” прва во регионот дополнително го воведува во сите свои производствени капацитети, иако според законската регулатива тоа не е обврска на млекарниците. На таков начин, производите на “Дукат” од новата серија, која за краток временски период ќе биде испорачана на македонскиот пазар, ќе бидат првите и засега единствени двојно проверени и сигурни млека на пазарот – велат од “Дукат”.

Претставништвото на “Дукат” во земјава се одлучи на овој чекор со единствена цел да ја поврати довербата кај потрошувачите во безбедноста и квалитетот на млеката на Дукат и воедно да ги увери потрошувачите дека нема причина да чувствуваат несигурност и страв при нивната консумација.
– Потенцираме дека привременото повлекување од продажните места во Македонија ќе се однесува само за трајните млека на “Дукат”. Останатите млечни производи, меѓу кои јогуртите, киселите млека, сирењата, намазите и друго, нема да бидат повлечени, со оглед на фактот дека тие веќе се потврдено проверени – соопштија од млекарницата.

Екологистите бараат проверка и на домашното млеко
Вчера се огласија велешките екологисти кои ја прозваа АХВ веднаш да каже кое млеко е токсично и кое може да го консумираат граѓаните.
– Ако точно се знае дека млеката од Хрватска и Србија имаат недозволени количества отровен афлатоксин, тогаш дали тој отров се наоѓа и во млекото од домашните производители, или пак, во него го немаме тој отров. Досега Агенцијата не излегла со податоци каква е состојбата со млекото од македонските производители – ова вчера го побараа од еколошкото друштво Вила Зораа од Велес.

Ненад Коциќ јавно праша зошто во Македонија досега не е кажано кое млеко може да го купуваме и кое млеко можат децата да го пијат.
– Агенцијата мора писмено да каже. Ако домашните крави даваат најквалитетно и здраво млеко, тогаш тоа мора тоа јавно да се каже за да можат најмладите да го употребуваат – рече Коциќ.
Според Коциќ лабораториските испитувања покажале дека во најквалитетното млеко со 3,2% масленост отровната супстанца е најголема. Покрај за млекото, рече тој, загрижува состојбата што досега никој не се заинтересирал колкаво е присуството на токсини во кашкавалот, сирењето и другите млечни производи.
– Сите знаеме дека кашкавалот, сирењето, кајмакот се произведени од концентрација на протеини на млекото, Европската агенција за храна потврдува дека во млечните производи афлатоксинот е за 5 до 6 пати поголем ако е произведено од токсично млеко. Јавно ја прашуваме Агенцијата за храна дали доколку Хрватска и Србија не алармираа, увезеното млеко и млечни производи и понатаму ќе се употребуваа во Македонија – вели Коциќ.

Според екологистите, и покрај забраната, во велешките продавници се уште се продава токсично млеко од хрватскиот и српскиот пазар и тоа по дампинг цени.
Агенцијата за храна минатата недела соопшти дека сите домашни млека се исправни.
-Домашното млеко е здраво и исправно, нема присуство на афлатоксини во него. Редовно се прави мониторинг на производството во сите млекарници во земјава и тоа е доволен доказ дека домашното млеко е здраво – вели директорот на АХВ, Дејан Рунтевски.
Во Србија почна повлекувањето од малопродажба на млекото на речиси сите српски млекарници: Суботичка млекара, Нишка млекара, Шабачка млекара, Мегле, Сомболед… (В.Ма. – С.А.)

Децата во градинките пијат исклучиво свежо домашно млеко
Со скандалот кој изби за канцерогеното млако на Дукат” се вклучи и алармот кај граѓаните. Ако може да се избере кое млеко ќе се купи од маркетите, многумина се загрижија за млекото кое им се служи на нивните деца и на неговата исправност. За оваа цел Вечер” контактираше со неколку скопски градинки за да го утврди потеклото на млекото кое децата секојдневно го пијат.
Од градинката Срничка” во општина Аеродром информираа дека во исхраната на децата користат свежо кравјо млеко на Бимилк” со масленост од 3,2%. Пред да им се послужи на децата, тоа се преварува, а се консумира 3 до 4 пати месечно и тоа за појадок, според утврдената програма за исхрана.

Од градинката 13 Ноември” во општина Центар велат дека нивното набавено млеко е свежо кравјо од Тетовската млекарница, а исто како и во останатите градинки на децата им се служи 3-4 пати неделно.

Уште неколку градинки со кои Вечер” контактираше ни одговорија дека имаат склучено договор на годишно ниво со Штипската млекарница, па и покрај тоа што користат поголеми количини, млекото им се доставува секое утро во пакувања до по еден литар. (Гр.З.)

Алков: Млеко “Дукат” купив во Веро маркет
И покрај соопштението добиено од Агенцијата за храна и ветеринарство која уверуваше дека количините од канцерогеното млеко останале во магацините, ни се јави граѓанин во Вечер” и го потврди спротивното. Атанас Алков посочи дека еден член од неговото семејство минатата недела во еден од Веро маркетите купил од млекото Дукат 7 витамини” со рок на траење до 19 април 2013 година што се совпаѓа со датумот од соопштението на Агенцијата за храна и ветеринарство. (Гр.З.)

Храна која може да се јаде по истекот на рокот
Иако многумина не го препорачуваат тоа, сепак постојат некои нешта што смееме да ги консумираме и по истекот на нивниот рок. Но и покрај тоа, доколку храната има чуден вкус или мирис подобро не се јадете. Еве десетина производи кои можат да се консумираат иако рокот е истечен:
Кечап: Може да стои и до 6 месеци во фрижидер. Потоа обично е сигурен за користење ако нема чуден вкус или мирис.
Јајца: Доколку ги чувате во фрижидер и по 5 недели се уште ќе бидат исправни.
Млеко: Може да остане питко недела по истекот на неговиот рок. Доколку се расипало и самите тоа ќе го забележите.
Јогурт: Во фрижидер може да стои 10 дена по истекот на рокот. Доколку не фатило мувла или нема чуден вкус, слободно пијте го
Мед: Медот е единственото нешто што го имате во вашата кујна и што никогаш нема да се расипе.
Кисели краставички: Отворена тегла може да стои и година дена. Тоа важи и за маслинките.
Кафе: Отворено пакување на кафе може да се користи 5 месеци по истекот на рокот
Тестенини: Исушените тестенини по истекот на рокот можат да се користат и после една година. Неколку месеци е најсигурно.
Зачини: Скоро сите зачини можат да траат и до 2 години по истекот на рокот.
Чај: Употребливо е 6 месеци по истекот на неговиот рок.