Не е можно решение за спорот за името на Република Македонија се додека не дојде до поместување на барем една или на двете “црвени линии” од кои не отстапуваат двете страни – Атина од име за севкупна употреба, а Скопје од формулата за двојно име, анализира грчкиот провладин весник “Катимерини” по минатонеделните значајни средби во Македонија на грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕијас. “Катимерини” пишува дека и Грција и Македонија остануваат на “црвените линии” за спорот, дека никој не сака да си ја стави раката во оган поради ситуациите во двете земји и поради јавното мислење и во Грција и во Македонија и дека моменталната ситуација не остава простор за суштински предлог за името.

– Двајцата противници остануваат цврсто на нивните “црвени линии”: Атина на ерга омнес, а Скопје на формулата за двојно име. Меѓутоа, сите знаат дека без поместување на едната од нив или двете истовремено, нема да се најде решение за прашањето за името, пишува грчки “Катимерини”.

Весникот заклучува дека за сега, двете страни своите надежи за придвижување на најголемата пречка во билатералните односи ги темелат на имплементирањето на договорените мерки за градење доверба меѓу Македонија и Грција. Со овие мерки, Скопје и Атина се стремат да го отворат “патот на довербата”, кој со текот на времето ќе води до подобрување на климата во двете општества и до исцелување на раната за името.

Посетата на грчкиот шеф на дипломатијата Никос Коѕијас минатата недела во Македонија, по повеќе од десет години даде сигнал дека за нијанса се затоплуваат односите од двете страни. Како што беше најавено, Коѕијас и неговиот македонски колега Никола Попоски ги дефинираа и ги објавија првичните 11 мерки за градење доверба меѓу двете држави. Двајцата министри договорија конкретни мерки за соработка од областа на образованието и културата, правда и внатрешни работи, енергетиката, здравството, инфраструктурното поврзување и во областа на политичката соработка. Шефот на македонската дипломатија Никола Попоски потенцираше дека со овие мерки, листата не е комплетирана и ќе се работи на нејзино проширување и надополнување, но 11-те точки се добра појдовна основа.

Во однос на спорот за името, министерот Попоски потенцираше дека овој проблем предолго е без решение, а надвор од спорот двете страни имаат многу заеднички интереси и соработка. Тој посочи дека најголемиот проблем меѓу двете земји е недостатокот на доверба и дека средбата во Скопје не донесе решение, но донесе договор за повеќе мерки за градење доверба кои ќе придонесат за надминување на разликите во духот на европските вредности и согласно заедничките интереси. Оптимистичка беше изјавата на Коѕијас, кој рече дека “како за секој проблем, така и за името постои решение”.

Македонските аналитичари сметаат дека по посетата на Коѕијас е очигледно дека новата гарнитура на Грција има поинаков пристап кон Македонија и е спремна да ги развива билатералните односи. Досега претходните гарнитури спроведуваа одредена забрана за официјални контакти што сега изгледа надминато.

Во секој случај, исто како и грчките аналитичари, и македонските сметаат дека тоа не значи никаква промена во однос на проблемот со името и тука двете страни остануваат крајно оддалечени во своите позиции.