Засега нема потреба од воведување полициски час, рестриктивните мерки што се досега донесени се доволни, и ако се почитуваат ќе дадат резулат во следниот период, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче.

– Нема потреба ниту од регионални карантини и прекин на меѓуградскиот и меѓуопштинскиот превоз. Во секој случај ја следиме ситуацијата и ако се наметне потреба тоа ќе биде една од опцииите, но засега нема таква најава, рече Филипче, одговорајќи на новинарски прашања по посетата на пунктот за тестирање за Ковид-19 во поликлиниката „Јане Сандански“.

Тој повторно апелираше до граѓаните да ги почитуваат мерките, особено забраната за групирање на јавен простор која со вчерашната одлука на Владата е продолжена во текот на целиот ден, наместо како досега од 21 часот.

Филипче истакна дека особено загрижува групирањето на младите во парковите забележано изминатиот викенд.

– Целта на целосната забрана за групирање е токму да се спречи собирањето во парковите по 21 часот кога затвораат кафулињата и другите угостителски објекти, што носи ризик за ширење на Ковид-19, истакна министерот за здравство.