“Немам каде и кому да се вратам. Никој не ме чека, немам ниту дом ниту работа”.

Али, триесет и петгодишен Сириец од градот Хомс, е водач на група од петнаесетина бегалци од неговиот град. Со него е неговата сопруга и двете деца. Тргнале од Сирија пред пет дена. Преку Либан стигнале во Бодрум каде негов сограѓанин му помогнал да најде транспорт со брод до најблискиот грчки остров.

“Илјада долари од човек беше сумата која ја плативме. Тоа ми го договори мојот пријател инаку ќе беше далеку поскапо. За среќа бродот беше добар. Иако е кратко патување, само неколку часа, ризикот е огромен. Не сакам децата да ги изложувам на непотребен ризик”, вели Али.

Оттаму биле префрлени во атинското пристаниште Пиреја каде веќе ги чекал транспорт до железничката станица. За 60 евра со воз стигнале до Идомени, последната станица пред нашата граница.

Али и неговата група го чекаа возот за Табановце во огромниот шатор поставен од УНХЦР. Седеа на страна, бидејќи беа единствените Сиријци таму. Останатите бегалци беа од Авганистан, Пакистан и Ирак.

“Страв ми е да патувам со воз заедно со нив. Ќе не нападнат. Сакаат да не ограбат”, рече тој и стана да разговара со полицајците од кои побара да ги сместан во посебен вагон.

Али знае дека не може да продолжи кон Унгарија. Планирал преку Будимпешта да продолжи за Минхен. Додека го чекаше возот разговараше со неговиот братучед кој е во Белград. Се договорија заедно да тргнат кон Хрватска.

Од нас дозна за миниските полиња останати од воениот конфликт меѓу Хрватска и Србија.

“Доста ми е од огради, жици, војна и полиња. Нема сила што ќе ме врати назад. Јас одам во Германија заради моите деца. Тие немаат никаква иднина во Сирија. Таму војната ќе трае со години бидејќи тоа му одговара на режимот”, раскажува Али.

Прифатниот центар кај Богородица се менува секој ден. Ако на почетокот имаше капацитет да прими неколку стотини бегалци, сега може да опслужи и неколку илјади. Три големи шатори и десетина помали се поставени за да можат бегалците да се сокријат од сонцето и дождот и да одморат. Тоалетите и чешмите се функционални, а десетици волонтери на Црвениот крст и УНХЦР делат вода, храна, средства за лична хигиена и пакети за бебиња и деца.

Два помали шатори се наменети исклучиво за деца. Полни се со играчки, а таму се и неколку девојки кои ги забавуваат и со кои си играат. Барем на момент можат да заборават на голготата низ која минуваат.

Покрај еден од шаторите стоеше Саит. Христијанин од Сирија. Живее во планинско место на границата со Либан. Побегнал од Сирија пред 4 дена.

“Сега дознав дека границата е затворена. Асад поставил специјалци. Не може пиле да прелета. Фала му на господ што успеав да побегнам”, вели тој.

Неговиот помал брат побегнал пред една година од Сирија. Веќе е во Швајцарија и го чека таму. Патува со пријатели бидејќи нема смејство. Не знаат ниту каде е Хрватска ниту што е. Бараат помош и инструкции од нивните сонародници.

Саит смета дека нема потреба Европа да се плаши од нив и вели дека пропагандата го сторила своето. Терористи меѓу нив нема.

“И ние сме луѓе. Имаме голема мака и бараме помош. Најлесно е да кажете тие се терористи и доаѓаат да не убијат. Меѓу нас нема такви луге. Тие се во Сирија, каде и припаѓаат. Ние патуваме во група, семејство, клан, пријатели, соседи. Точно знаеме кои сме. Нема шанси некој од нив да тргне со нас. Ние први ќе му пресудиме”, тврди Саит.

Околу 15 часот на пругите пред Прифатниот центар пристигна возот кој треба да ги префрли до Табановце. Ова е третиот воз кој пристигна денес.

Припадниците на ЕБР се поставија на главната капија за да постават ред. Неколку бегалци кои добро говорат англиски ги преведуваат нивните инструкции. Иако има малку нервоза и туркање успеваат да ги вратат работите во нормала. Жените со деца и семејствата ќе се качат први во возот кој ќе ги пренесе до Србија.

Оттаму пеш покрај пругата и за десетина минути се во Србија, третата станица од нивното патешествие по Балканскиот коридор.

По дваесетина минути кампот остана потполно празен, без ниту еден бегалец или мигрант. Сликата на граничниот појас е иста.

“Чудно ми е што нема никој. Невообичаено мирно и тивко. Вака не било со денови”, коментираат специјалците од ЕБР.

Сепак, според неофицијалните информации, попладнево се очекува на граничниот појас да пристигнат околу 4 илјади бегалци имигранти кои грчките власти веќе ги донеле во близината на Солун.

Нашите власти се подготвени, па доколку има потреба покрај редовните два воза ќе постават уште еден вонреден. Тука се неколкуте автобуси кои се поставени и чекаат кај мостот на Сува Река.

Во последните три месеци, според официјалните податоци со кои располага МВР, во нашата држава влеге над 85 илјади бегалци и мигранти на кои им се издадени потврди, но нивната бројка, реално, е далеку поголема.

Кризната состојба останува на сила

Кризната состојба која е прогласена на јужната и северната граница ќе остане на сила најрано до 19 октомври, дознава “Вечер”. Анализите на состојбата и проценките на експертите во

Координативното тело покажале дека полицијата и армијата мора да останат на границата за да се задржи редот бидејќи во наредниот период ќе се задржи дневниот просек од над три илјади беглаци кои пристигаат на границата, а многу лесно може да се случи таа бројка да биде поголема.

Предлогот веќе поминал на седница на Владата и се очекува Собранието на РМ да го изгласа предлогот кој потоа треба да го потпише претседателот Ѓорге Иванов.

Огнен ЧАНЧАРЕВИЌ

фото. Н.Батев