Според соопштението на холандската полиција, нема директна поврзаност меѓу вчерашниот напаѓач во трамвај во Утрехт, 37-годишниот Ѓокмен Танис, кој е роден во Турција, и неговите жртви, пренесува „Спутник“.

„Синоќа полицајците известија дека главниот осомничен, 37-годишен маж од Утрехт, бил уапсен во куќа во Уденорд во Утрехт. Не се пронајдени директни врски меѓу главниот осомничен и жртвите”, соопшти полицијата.

Претходно, турската агенција „Анадолија“ објави, цитирајќи роднини на Танис, дека тој пукал во своите роднини поради семејни работи.

Во нападот во холандскиот град Утрехт, кој се случи во понеделникот, загинаа три лица. По интензивната акција, полицијата го уапси Танис како главен осомничен, како и двајца други. Тој е уапсен под сомневање за убиство со можна терористичка намера иако истрагата е во тек и се разгледуваат други можни мотиви.

Според „Алгемин дагблад“, Танис бил повикан на суд на 4-ти март во врска со обвиненија за силување, вклучително и повеќекратен сексуален напад на неговата жртва, и се заканувал дека ќе го запали нејзиниот дом. Исто така, се наведува дека во 2013 година тој бил осомничен за обид за убиство со пукање во стан.

 

 

извор: Makfax