Нема да предизвика нарушувања во македонската економија
Реализацијата на идејата на Европската комисија за создавање трговска унија меѓу земјите од Западен Балкан нема да направи некои големи нарушувања за македонската економија. Ова го изјави директорот на Царинската управа на Република Македонија Илија Илоски, кој рече дека во практиката сега Македонија со Србија и Црна Гора со новиот Договор за слободна трговија од 1 јануари функционираат како да се во една царинска унија, бидејќи по ниту една тарифна позиција нема царина и се укинати квотите. “Ние со нив тргуваме како да сме едно царинско подрачје”, вели Илоски и додава дека со тоа не се губат атрибутите на државите, туку само е забрзан процесот на меѓусебна размена. Илоски се изјасни како застапник на теоријата за либерална економија, што значи пазарот да се отвори целосно и да се посвети внимание на преструктурирање на домашното производство и зголемување на продуктивноста, а не да се штити со воведување економски мерки.