x

Немаше играно 285 дена, тренираше додека другите одмараа и ги запре напаѓачите на ПСЖ во финалето

zile

Еден од хероите на Баерн во финалето на Лигата на шампионите е Никлас Зиле. „Баварците“ ги издржуваа нападите на брзоногите и непредвидливите Нејмар, Мбапе, како и Ди Марија, а меѓу најзаслужните за тоа што мрежата остана недопрена покрај голманот Ноер е и дефанзивецот Никлас Зиле кој принудно го замени Џером Боатенг во 25 минута.

Зиле е во Баерн од 2017 година, но како што се шегуваат на Твитер, многу луѓе кажале дека првпат го гледаат во дресот на баварскиот клуб. Зиле за 75 минути на теренот имал 93% успешни пасови или 43 од вкупните 46 додавања. Само три топки испратил во „бунар“.

Поранешниот бек на Хофенхајм имаше пех кон крајот на минатата година кога на мечот со Аугзбург во Бундес лигата ги скина лигаментите и се знаеше дека ќе ги пропушти сите шанси да заигра на ЕП 2020. Неговите соиграчи му дадоа поддршка во борбата што побрзо да заздраве со оглед на тоа дека за овој тип на повреда потребно е долга рехабилитација.

Со оглед на тоа дека коронавирусот ја одложи завршницата на Бундес лигата и на Лигата на шампионите, Зиле во меѓувреме заздраве за да може да помогне во финишот на сезоната. По завршувањето на сезоната во Бундес, тимот бил распуштен на мини одмор, додека Зиле тренирал сам во тренинг центарот работејќи на подобрување на физичките перформанси.

И упорноста се исплатеше. Се врати на теренот после 285 денови, а Баерн доби свежина во дефанзивниот ред на фајнал фор турнирот во ЛШ. А Зиле доби шанса и не „падна“ во најважниот натпревар за Баерн, а дефинитивно и во својата кариера.

Зиле има 24 години, а сака да биде најдобар дефанзивец на светот – како Вирџил ван Дајк.

„Ван Дајк прејде во Ливерпул на 27 години, а тој е на врвот на 30 години. Централните бекови го достигнуваат врвот после 25 години. Тогаш имаат искуство, смиреност и подобра физички карактеристики. Во следните две до три години сакам да бидам како него. Ако луѓето почнат да зборуваат дека сум меѓу најдобрите дефанзивци на светот, тогаш би скокал од радост“, вели Зиле.

sportmedia.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата