Даниел Кајмакоски во моментов вредно работи во студио и го подготвува деби албумот кој треба да излезе кон крајот на годинава. Како соработници на материјалот се јавуваат имињата на Дарко Димитров и Александра Милутиновиќ, кои се потпишуваат како автори и на синглот “10 лета”, кој беше објавен неодамна.

Имав среќа да најдам тим со кој добро се разбирам, па првенчето би требало да излезе наскоро. На него ќе се најдат и неколку мои авторски песни, но поголемиот дел од темите се дело на Дарко Димиторов и Александра Милутиновиќ”, откри победникот од првата сезона на Икс фактор.

И покрај тоа што за кратко време успеа да се вивне меѓу ѕвездите, вели дека патот до успехот е трнлив и тежок, а по секој подем, има и пад со кој треба да знаеш како да се носиш.

Успехот не е само една врата која треба да ја отвориш, тука мора да поминеш многу степеници за да стасаш до врвот. Таквиот успех е неприкосновен. Иако се ми се случи многу брзо, луѓето мора да знаат дека зад сето тоа стои голем труд и работа”, додаде Даниел кој ги демантира шпекулациите дека е заљубен и тврди дека во моментов единственото нешто што го интересира е кариерата.

Немам време за љубов, работам многу и поради тоа немам никој покрај себе”, заврши Кајмакоски.