“Маѓар телеком” – поранешен “Матав”, доминантниот сопственик на АД “Македонски телекомуникации”, вчера потврди дека го почнува процесот на затворање на својата подружница во земјава – “Камени мост комуникации”. Како што наведуваат од централата во Будимпешта, ова се должи на промените во сопственичката структура на “Камени мост” кој стана во стопроцентна сопственост на “Маѓар Телеком” и повеќе не постои потреба оваа холдинг компанија да продолжи да работи. На тој начин “Маѓар Телеком” ќе има дирекна сопственост над своите акции во “Македонски телекомуникации”, со што се поедноставува сопственичката структура. Оваа промена, тврдат од “Маѓар Телеком”, ќе нема никакво влијание на секојдневното работење на Македонски телекомуникации.
Од Телеком, вчера, категорично ги отфрлија како неточни и неосновани шпекулациите што се јавија во јавноста околу мотивите да се ликвидира најбогатата фирма во земјава. Имено, во најновиот број на “Службен весник” е објавен процесот на ликвидација на “Камени мост”, каде што како ликвидатори се јавуваат Ференц Вацлавик и Тамаш Морваи, кои ги повикуваат евентуалните доверители во рок од 60 дена да ги пријават побарувањата.
“Камени мост” беше формирана во декември 2000 година од страна на “Матав” (сега “Маѓар телеком”), СЕЕФ холдингот на Сорос и “Космотелко”, кои во МТ поседуваа 51 отсто од акциите на компанијата. Сега, овој процент го поседува само “Маѓар телеком” откако СЕЕФ и “Космотелко” му ги продадоа акциите. Основната улога на “Камени мост” во текот на изминатиот период беше координација и застапување на интересите на сопствениците на истата во МТ, обезбедувајќи користење на сопственичките права кои произлегуваат од сопственоста над акциите.


Светлана БЛАЖЕВСКА