Хроничната невработеност во повеќето земји од Западен Балкан ја загрозува стабилноста и целта за влез во Европската унија, оцени во последната анализа за балканската криза Институтот за воено и мирнодопско известување. Стапките на невработеност од 44 насто на Косово, 42 проценти во БиХ и 37 во Македонија во минатата година, покажуваат дека не функционира пазарната економија во тие земји, како еден од условите за прием во ЕУ. Невработеноста во овие земји е огромна дури и да се земе предвид можноста еден дел од невработените да се ангажирани во сивата економија.
Институтот ги анализира причините за огромните стапки на невработеност и покрај економскиот растеж во регионот, оценувајќи дека неодамнешните војни несомнено влијаат врз сигурноста и ниското ниво на инвестиции, кои го покренуваат развојот и отвораат нови работни места. Друга причина е неподготвеноста на луѓето да прифатат ниски плати наспроти релативно лесното наоѓање работа во соседните богати земји за поголеми плати.
Вработеноста може да се зголеми со привремени договори за работа, кои не подразбираат ист степен на заштита како постојано вработените, но може да ги привлече, пред се жените и младите кои покажуваат тенденција да бараат привремена работа. Институтот смета дека од суштинско значење за намалување на невработеноста е растежот на бројот на нови фирми, како по примерот на Бугарија, Литванија и Полска каде што се отворени и до 30 насто нови работни места.(МАКФАКС)