Фудбалерите на каталонскиот гигант Барселона ќе се обидат да го направат тоа што до сега никој го нема направено во најпрестижното клупско натпреварување, Лигата на шампиони, да анулираат негатива од четри гола разлика и да обезбедат пласман во 1/4 финалната рунда.

Таквата (не)возможна мисија добива уште повеќе на тежина и поради фактот дека избраниците на Луис Енрике за противник го имаат најдоброто од Франција, тимот на ПСЖ, кој има шанса најпосле да излези како победник во дуелите со актуелниот шампион на Шпанија.

Едно е сигурно, “светците” не можат да ја повторат совршената игра од првиот натпревар, а Барса не може да биде толку очајна колку што беше во Париз, но ќе треба многу коцки да се склопат за да четата на Лионел Меси испише уште една страница во фудбалската историја.

Едно е сигурно, ПСЖ ќе не нападне, нема да се брани како што се бранеше Селта. Сепак, вербата е основата на овој тим. Јас не верувам во некакво чудо, но се додека постои најмала шанса ние ќе веруваме. Публиката добро знае колку вредат овие фудбалери, колку се трудат. Вербата е освоната на овој тим и затоа веруваме, убедени сме дека можеме да се вратиме, да направиме кам-бек против ПСЖ. Зошто да не? – изјави предводникот на Барса, Луис Енрике.

За разлика од тие на Барселона, фудбалерите на Борусија од Дортмунд имаат обврска прво да ја анулираат негативата од еден гол, која ја имаат по првиот 1/8 финален натпревар против португалскиот гигант Бенфика.

Сосема нормално, домашните фанови сите погледи ги насочуваат кон Пјер-Емерик Обамејанг, кој сигурно ќе биде најголема опасност пред противничкиот гол.

Самодовербата е на највисоко можно ниво, атмосферата во соблекувалната е фантастична. Целосно сме фокусирани на реванш дуелот против Бенфика, но одиме чекор по чекор. Мислам дека дуелот дојде во вистински момент. Трпеливо ќе си ја чекаме нашата шанса. Знам дека ќе бидеме поуспешни пред противничкиот гол, во споредба со првиот натпревар, изјави предводникот на Борусија Д., Томас Тухел.