Изложбата на Ване Костуранов насловена “Небо во лицата” ќе биде отворена денеска од 20 часот во галерија МКЦ. Изложбата ќе содржи триесетина платна работени во техниката акрил на платно. Ова ќе биде негова четврта самостојна изложба пред скопската публика.

“Во сезоните кога се менуваат ветровите, кога градовите се наоѓаат зад дрвјата спремни да станат книги, се будат лицата, се будат нивните сонови. Ливада од лица. Планина од плач. Ѕвезди без ѕидови. Тоа е светот на врамените патници. Луѓе прегрнати од спомени, лица загледани во времето, неба загледани во очите”, ќе напише поетот Никола Маџиров кон изложбата “Небо во лицата”.

Ване Костуранов е самоук сликар, роден 1979 година во Струмица, каде што живее и работи. Досега учествувал на повеќе групни изложби, а одржал и девет самостојни.